Изложба „85 години Попова Шапка“ во Тетово

Со изложбата “85 години Попова Шапка” утре (11 ноември) во Тетово ќе се одбележи 85-годишнината од отворањето на првиот планинарско-скијачки дом на Попова Шапка.

Изложбата ќе биде поставена во големата сала на ДМУ „Тодор Скалоски – Тетоец“ а ќе биде отворена од 19:30 часот.

„11.11.1934 година е датум запишан во историјата кога започнува приказната за Попова Шапка. Голем број на ентузијасти, визионери, пионери на овие спортови кај нас, ја трасираат патеката по која ние денес одиме. Ајде да замислиме кому било потешко, на ним или на нас!? Да се градат објекти на Шара, без пат, без превозни средства какви што денес имаме, без финансиски средства, во едно разбрането општествено уредување, помеѓу две светски војни…тешко, но сепак некој го трасираше тој пат. Развојот на Попова Шапка низ годините како скијачки, спортски и туристички центар, едноставно ја покажува вољата на населението и стеремењето кон европските вредности со почитување на традиционалните вредности. Брзината на развојот на центарот во триесетите педесетите и осумдеетите е реална слика за чекорите кој Попова Шапка ги прави а се само едно скалило позади европските центри“, вели Јован Божиноски, претседател на најстариот планинарски клуб во земјава, „Љуботен“ – Тетово.

Како што најавуваат организаторите, изложбата ќе е составена од три поставки:

  1. Пано на кои хронолошки ќе е претставен развојот на Попова Шапка низ фотографии, текстови и оргинални материјали од тие периоди;
  2. Пано на кои хронолошки ќе се претставени рекламите лифлети, брошури и флаери за Попова Шапка и
  3. Поставка со оргинални ски и планинарска опрема низ годините.