„Излези за воздух“: Владата да дејствува, а не да препорачува

Здружените иницијативи и организации кои дејствуваат против загадувањето на воздухот во Македонија излегоа со реакција за препораките на Владата за загадувањето, во која се вели дека сметаат дека е добро што Владата конечно се огласи по однос на прашањето кое алармантно ја засега речиси цела домашна популација, но и дека е жално што Владата е последна која се буди околу загадениот воздух.

„Порачуваме дека акцијата за чист воздух нема да запре се додека концентрациите на канцерогени ПМ10 и ПМ2.5 честички не се доведат под максималната гранична вредност. Затоа, уште еднаш ги повикуваме сите загрижени граѓани од целата држава да дојдат пред Владата, денес во 17 часот за да испратиме заеднички граѓански крик за чист воздух.

Потсетуваме дека препораките (обидите) кои вчера Владата ги усвои беа презентирани од Министерството за животна средина и просторна планирање (MЖСПП) уште во ноември. Резултатите од препораките ги видовме и вдишивме сите – надминувањето на граничните вредности на ПМ10 честичките продолжи цел декември. Укажуваме и апелираме дека резултати од само препорачување НЕМА!

Спроведување на конкретни активности како обезбедување поевтин и лесно достапен јавен превоз, регулирање на сообраќајот со исклучување на возилата особено во централното подрачје, привремена забрана за возилата кои не поседуваат минимум ЕУРО 4 стандард и дизел возилата, привремена забрана за работа на индустриските капацитети и слични мерки предложени од страна на иницијаторите на протестот – НЕМА!“, се вели во нивното соопштение.

Организациите потсетуваат дека децата, бремените жени, болните лица и сите граѓани воопшто немаат вишок денови во своите животи. Во услови на загаденост на воздухот на ниво на елементарна непогода, Владата треба повеќе да спроведува мерки, а помалку да испорачува препораки.

„Бараме Владата, Министерството и локалните самоуправи на загадените градови да бидат максимално транспарентни и секојдневно да ги информираат граѓаните со дневни извештаи за состојбата. Мерките да се спроведуваат после поминати 24 часа со надгранично загадување на воздухот, а не после десет последователни дена.

Ја потсетуваме Владата дека мора итно да престане со сеча на зелените површини во урбаните средини, а за досегашното уништување на животната средина да поднесе одговорност пред јавноста и според законот. Владата мора да дефинира и среднорочни мерки кои се однесуваат на сообраќајниот сектор со акцент на јавниот превоз и велосипедизмот, стимулирање нови зелени површини и донесување на Закон за заштита и унапредување на зеленилото, воспоставување Фонд за енергетска ефикасност, субвенционирање на топлински пумпи за домаќинства, овозможување на децентрализирано производство на електрична енергија во домаќинствата и донесување национална определба за елиминирање на фосилните горива до 2050 година“, се вели во реакцијата на иницијативата „Излези за воздух!”.