Излезе првиот сингл од новиот албум на „June“ – „The Wall“

Првата песна од најновиот албум на домашниот бенд „June“ наречена „The Wall“ веќе може да се слушне на видео каналот Youtube, информираат од бендот.

Фото: Јане Наумоски

Фото: Јане Наумоски

„June“ во октомври годинава ќе го издадат својот втор албум насловен „Indian Summer“, кој ќе има нов современ звук, и ќе биде различен од она што досега имавме  можност да го слушнеме од бендот.

Гостин на албумот кој е снимен во marryPHAT студиото во Скопје е Јане Трајковски (труба), тонец е Ивица Јанкуловски, а продуценти се „June“, Кристијан Евго и Ивица Јанкуловски.

Бендот „June“ е составен од Бојана Низамовска (вокал и акустична гитара), Филип Арсов (електрична гитара), Данчо Поповски (бас), Анте Гулин (тапани) и е познат по својот ентузијастички дух по кој веднаш се препознава љубовта кон музиката.

Формиран во октомври 2010 година, бендот прави значаен белег на македонската музичка сцена, давајќи и свежина со свирењето инди поп и американа, со доза на акустичен кантри поп.

„June“ досега свиреле на повеќе фестивали и концерти како Таксират 2010 со Nouvelle Vague, Егзит – 2011 , Здраво Млади – 2012, PIN Cоnference, како и многу помали концерти. Нивниот прв албум наречен „Someday soon“ излезе во јуни 2012.

Во продолжение погледнете го видеото за најновиот сингл на „June“, наречен „The Wall“.