Излезе првиот самостоен албум на Alavux – „Phutura“

Првиот самостоен лонг-плеј албум на електро продуцентот Алавукс, со наслов „Phutura“ излезе вчера (26 март) и е достапен на веб-страницата Bandcamp.

Албумот содржи 16 композиции, кои се спој на класичниот електро-звук со модерните техно, експериментал, есид хаус, бас и индастриал правци. Изданието ќе се појави на ЦД, како и дигитално, со бонус-трака (мегамикс на целиот албум), кој нуди верзија на изданието наменета за подиумите.

Албумот може да се нарача и да се преслуша на веб-страницата alavux808.bandcamp.com/album/phutura. На сајтот исто така може бесплатно да се преземе ремиксот на Алавукс на песната „Љубов е“, на Bei The Fish, која е дел од саундтракот на независниот филм „Skopje Remixed“.

Алавукс оваа година беше номиниран за најдобар продуцент и за најдобра бесплатна трака (за ремиксот на „Drive My Spaceship“ на новосадскиот продуцент Direct Control) на престижниот избор Breakspoll 2013.

Алавукс повеќе од една година е уредник и водител на музичката емисија Електромагнетни Бранови која се емитува секоја втора сабота на Радио МОФ.