Излезе првиот број на студентско списание Iustinianus Primus Student Law Review

Излезе првиот број на првото стручно студентско списание Iustinianus Primus Student Law Review кое има цел да обезбеди платформа за критичка и креативна студентска размисла и дебата во различни области, како што се правото, политичките науки, новинарството, односите со јавност, како и интердисциплинарни истражувања поврзани со некоја од овие области.

Излезе првиот број стручното студентско списание Iustinianus Primus Student Law Review

Истовремено објавен е и повикот за трудови за вториот број во кој темата е „Спречување на и заштитата од дискриминација: споредбени искуства“.

Уредувачкиот одбор на списанието ги повикува сите заинтересирани студенти да достават труд согласно со темата на бројот. При изборот на темата на истражувањето обработена во конкретниот прилог, студентите се охрабруваат да се осврнат на специфично прашање поврзано со заштитата од дискриминација, разгледувано од аспект на правото, политичките науки, новинарството, односите со јавност, како и интердисциплинарни истражувања поврзани со некоја од овие области.

Уредувачкиот одбор нагласува дека нема да се прифаќаат трудови кои што проблематиката на заштитата од дискриминација ја обработуваат на општ начин, без истражување на конкретна проблематика. Трудовите се изработуваат на англиски или на македонски јазик, треба да  содржат помеѓу 4000 и 7000 зборови, при што резимето не треба да биде подолго од 150 зборови. Авторите треба да наведат најмалку 3, а најмногу 5 клучни збора на македонски и на англиски јазик, да ги следат стандардите за цитирање согласно Publication Manual of the American Psychological Association, Sixth Edition (2010) и да ги достават во електронска форма на адресата studentlawreviewmk@gmail.com најдоцна до 1 мај.

Студентите се охрабруваат да приложат трудови и надвор од темата на бројот.

Iustinianus Primus Student Law Review  е првото студентско стручно списание кое го издава Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.