Излезе новиот број на списанието Географски разгледи

Денес, на веб страницата на Институтот за географија и на Македонското географско друштво е поставена електронската верзија на новиот јубилеен 50-ти број на списанието Географски разгледи (Geographical Reviews).

Во последниот број се објавени 11 трудови од 28 автори и коавтори. Од нив, 9 трудови со 11 автори и коавтори се од Институтот за географија при ПМФ во Скопје. Објавените трудови покриваат широк спектар на географски теми: од геонаследството, преку хидрографските карактеристики на Мала Река, потоа преглед и објаснување на позначајните природни непогоди кои се случија во 2016-та и 2017-та година, теми поврзани со демографските процеси и движења, потоа труд на тема картографија како уметност, па до теми од регионализација и од туризмот. Паралелно со електронската верзија, во подготовка е и печатената верзија на јубилејниот број, а се очекува истата да излезе до крајот на 2018-та година.

Ова реномирано списание кое го издава Македонското географско друштво, излегува непрекинато уште од 1962 година, поради што спаѓа меѓу научно-стручните списанија со најдолга традиција во Република Македонија. Досегашните 50 томови на списанието, од кои 11 како двоброј се печатени на вкупно 6987 страници.

Од 2009-та година, списанието покрај во традиционална печатена верзија излегува и во електронска верзија, со што е достапно до многу поширок круг на вљубеници во географијата, не само во Република Македонија туку и надвор од неа. Едновремено, уредувачкиот одбор беше проширен со 6 универзитетски професори од странство (од Албанија, Бугарија, Италија, Словенија, Србија и Хрватска), со што списанието доби меѓународен карактер. Заради поголема меѓународна „видливост“ на трудовите, од 2011 година тие се објавуваат доминантно на англиски јазик, што помогна да се зголеми цитираноста на списанието.

Извор: Igeografija.mk