„Изгубени модернистички утопии“ – перформативен настан во јавен простор

Во близина на објектот на зградата на поранешната места заедница во Тафталиџе утре (сабота, 4 декември) ќе се одржи перформативниот настан во јавен простор „Изгубени модернистички утопии“.

Настанот е произлезен од четридневната интердисциплинарна работилница „Изгубени модернистички утопии?“ што се одржуваше (30.11-4.12.2021) под менторство на Миодраг Куч (Колектив Кунстурепублик/ ZK/U Центар за уметност и урбанизам – Берлин) и Филип Јовановски (ФР~У/ АКТО – Скопје) во соработка со Факултет за драмски уметности – Скопје и со Архитектонски факултет – Скопје.

Настанот е продуциран од организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“ со поддршка од Гете – Институт Скопје во рамки на 16. АКТО ФЕСТИВАЛ ЗА СОВРЕМЕНИ УМЕТНОСТИ – СОВРЕМЕНИ (НЕ)ДЕМОКРАТИИ.

Концептот е на Ивана Васева, кураторка и на визуелниот уметник Филип Јовановски.

„Неодамнешната популаризација на и интерес за (социјалистичкото) модернистичко наследство внесе различни позиции и политички (ре-)изјави. Од една страна, архитектите и визуелните уметници често ја фетишизираат неговата естетика (особено бруталистичката архитектура), додека пак од друга страна, урбаниот развој заснован на недвижности се обидува да се ослободи од реликтите на несаканото минато. Помеѓу таквите радикални позиции, државата/градот нема соодветна валоризација кога станува збор за модернистичкото наследство, заробено во секојдневната политика и одржувањето на урбаните инфраструктури кои се распаѓаат. Работилницата „Изгубени модернистички утопии?“ ги става граѓанското општество и населбите во центарот на дискусијата, проширувајќи ги значењата и функциите на Месната заедница под чија закрила може да се формираат, дискутираат и испробуваат иновативни идеи за наследството. За време на работилницата ќе размислуваме за имагинарни собранија и политичка култура која не е центрирана на човекот, ќе ги контекстуализираме нашите заклучоци и ќе ги вклучиме локалните чинители, но и ќе воведеме уметнички алатки за трансформација.

Целта на работилницата е да се деконструираат традиционалните пристапи кон наследството („заштита“, конзервација, заживување, семиотички прекин итн.), да се сензитивизираат учесниците за враќање на политичкиот простор и конечно да се даде перформативна повелба за урбана трансформација“, стои во најавата.

Учесници: студенти по режија на ФДУ, студенти на Архитектонски факултет.

Инаку, настанот ќе се одржи спроти училиштето „Јан Амос Коменски“, улица „Варшавска“ број 23.