„Изгубени“ градови во Камбоџа откриени со ласери за скенирање

Археолози од Камбоџа открија претходно непознати градови во близина на храмовите Ангкор Ват, дел од најзначајните археолошки пронаоѓалишта во југоисточна Азија.

Користејќи технологија на ласерско скенирање од воздух и покривајќи област од повеќе од 1900 километри квадратни, експертите откриле неколку градови кои се стари од околу 900 до 1400 години. Некои од нив се големи речиси колку главниот град на државата, Пном Пен.

„Имаме цели градови откриени под шумата, за кои никој не знаеше дека се таму“, вели д-р Демијан Еванс, австралиски археолог, кој работи во Иницијативата на археолози на Камбоџа (CALI).

Ова истражување, кое е едно од најголемите од ваков вид, е продолжение на претходно истражување во 2012 година, кое откри огромен, меѓусебно поврзан систем меѓу градовите. Резултатите од студијата спроведена во 2015 година, кои денес беа објавени во Весникот на археолошката наука (Journal of Archeological Science), ја покажуваат комплетната големина на градот и на империјата Кмер, која била во зенитот во 12-тиот век, а можеби била и најголема империја на светот, пренесува Gizmodo.

Откритијата не само што ја зголемуваат колективната историја на регионот, туку и им даваат на истражувачите показатели за колапсот на империјата околу 15-тиот век.