Изгласана самостојност и независност на собраниската служба

Собранието на Република Северна Македонија на денешната 130-тата Седница, со 82 гласа „за“ го изгласа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Собранието на Република Македонија со кој се обезбедува финансиска самостојност и независност на собраниската служба.

„Овој парламентарен состав ќе биде запаметен како состав кој реализирал една од стратешките цели во Стратешкиот план 2020-2022 на Собранието, каде што е утврдена целта за постигнување на „Напредни и ефикасни услуги и собраниска служба“, што се очекува да се постигне преку независна и ефикасна собраниска служба и вреднувани службеници, почитувајќи ги принципите на професионална администрација и систем на заслуги. На овој начин, преку финансиска и административна независност, се создаваат услови Собранието како претставнички орган на граѓаните, кој е  носител на законодавната власт, но и врши политичка контрола на работата на извршната власт, ефикасно, темелно и целосно независно да ги извршува овие значајни функции“, соопштија од Собранието.

„Имајќи на ум дека Собранието е во постојано заседание, тоа наметнува специфичности во извршувањето на работите и задачите и условите за работа на вработените во Собранието, како и нивна постојана достапност во давање на стручна и административна поддршка на пратениците во извршувањето на нивната функција. Иако постоеше разбирање за специфичноста на работата на собраниската служба, сепак долги години тоа прашање не се ставаше на преден план. За огромна почит е визијата, упорноста и решителноста на претседателот Џафери, генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова, поддршката на пратеничките групи од овој собраниски состав, разбирањето од страна на Владата, Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество и администрација“, се додава во соопштението до јавноста.

Според новиот Закон финансиска согласност на годишниот план за вработување, наместо Министерството за финансии, ќе дава Буџетскиот совет на Собранието, се предвидува дополнителен паричен надомест за службениците кои остануваат подолго на работа, а се формира и Совет на собраниска служба, кој ќе функционира како советодавно тело на генералниот секретар.