Издавачкиот центар „ТРИ“ со пишувачки предизвик „Карантински приказни“

Почнуваме со предизвик што го нарековме „Карантински приказни – Антологија на изолацијата“, со кој сакаме да ги поттикнеме и собереме најоригиналните и најинтересни раскази настанати во ова тешко време што сме принудени да го поминеме во изолација и дружење најмногу со себе и сопствените мисли, соопшти Издавачкиот центар „ТРИ“.

Од таму посочуваат дека во овој период на лоши вести, на социјално дистанцирање и почитување на разно-разните препораки, покрај читањето, голема смисла на нашето секојдневје му дава и пишувањето – како еден од начините да се справиме со големата промена, но, велат тие, и да создадеме траен запис за еден од најдраматичните периоди од нашите животи.

„’Карантински приказни – Антологија на изолацијата’ е хроника што од денес ја создаваме заедно, со кратки раскази што ги очекуваме од секој од вас што во овие моменти наоѓа инспирација и сила за пишување. Најдобрите раскази од предизвикот ќе ги објавиме во издание што ќе остане како антологија да сведочи за бурниот – на моменти и нереален – период кој се надеваме дека набрзо ќе заврши и дека никогаш нема да ни се повтори“, соопштуваат од „ТРИ“.

Издавачкиот центар ги охрабрува сите пишувачи – искусни и неискусни – да земат учество во нивниот предизвик и да ни праќаат раскази на темата, без ограничување во однос на стилот и обемот.

Сите пристигнати творби ќе бидат внимателно прочитани од нивната Редакција и, се надеваат, во поголем број објавени во една книга. За авторите на најдобрите раскази постои можност за подолгорочна соработка со „ТРИ“.

„Наострете ги моливите – ги очекуваме вашите раскази до крајот на април!“, се вели во соопштението на „ТРИ“.

Заинтересираните можат да праќаат на redakcija@kniga.mk