„Културата не е од национален интерес“- незадоволство од резултатите на конкурсот за култура

Партиски пазар, селективност, фарса, етноклиентелизам и добро управувана анархија се само дел од реакциите на македонските издавачи и писатели, откако Министерството за култура ги објави резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2020 година. Не само што важни културни случувања не добиле ни денар од Институцијата, туку оние што добиле финансии велат дека одобрениот буџетот не е доволен за да се направи квалитетен проект, реагираат издавачите.

Од издавачката куќа „Антолог“ велат дека „Репер“, он-лајн магазинот специјализиран за култура и фестивалот за европска литература „Букстар“, го преживеале режимот, но не и демократијата, бидејќи годинава се одбиени за поддршка на конкурсот на Министерството. Оваа година, издавачката куќа добила само 6 проекти во сферата на издаваштвото, а им биле одбиени 18 проекти, меѓу кои, како што велат, биле одбиени имиња како Маргарет Атвуд, Станислав Лем и Саша Станишиќ – добитникот на најголемата книжевна награда на германски јазик во 2019.

„Иако поддршката што сме ја добивале во минатото од Министерството за култура била симболична, 20 или 30% од севкупниот буџет, кој буквално секогаш сме го крпеле и дополнувале и со сопствени средства, ваквиот игнорантски однос од државата не фрла во тотална резигнација и ја убива последната ронка надеж дека има зрак светлина на крајот од тунелот. Убивањето на „Букстар“ многу повеќе зборува за нашиот ментален склоп отколку за квалитетите на самиот фестивал и издавачката куќа зад него. Неговото несместување во „проект со национална важност“ укажува на кое дереџе сме. Наместо отворање кон ЕУ и кон светски стандарди на работа, во програмата може да се види поддршка на приватни, локални или, во најдобар случај, регионални иницијативи, поддршка која непропорционално и без критериуми се движи како обезглавена змија од симболична до баснословна“, вели Жарко Кујунџиски од издавачката куќа „Антолог“.

Во реакцијата „Антолог“ велат дека дополнителен проблем се и критериумите по кои е составена програмата. Според издавачката куќа изостанува транспарентно наведување на побараните наспроти одобрените средства, а проблематично е и финансирањето на печатници и фирми на кои не им е примарна дејност издавањето книги.

„Печатници и фирми кои не им е примарна дејност издаваштвото, имаат добиено повеќе проекти од издавачки куќи кои животот го дале, себе се вложиле во темелите на тие фирми кои ги вадат секоја година од кал. Гледаме од сите страни фрштат поплаки, од издавачки куќи што ги ценам, од автори незадовлни од хонорарот. Овој и ваков список е неприфатлив и треба да се поништи“, вели Кујунџиски.

Од Издавачката куќа „Бегемот“ велат дека можностите за самоодржливост во културата се во голема мера уништени со системските недостатоци на образованието, на културната и на медиумската инфраструктура. Тие сметаат дека за самоодржлива култура се потребни неколку клучни елементи, кои за жал во нашата држава не функционираат, па културата преживува со поддршка од институциите.

„Поддршка од институциите на културата не добиваат оние што дејствуваат, работат, истражуваат во интерес на современата култура. Тие можеби ќе добијат некоја безначајна, „симболична“ поддршка за нивните проекти, темелно подготвени и воопшто непрочитани. Поддршка има само за опортуно тетовираните: оние што по некој истакнат признак припаѓаат на тековно привилегираниот клан. Овде се основни, се разбира, етничките и партиските признаци“, реагираат од Бегемот.

Од „Бегемот“ појаснуваат дека  од шестмина македонски автори за чиишто најнови книги поднеле барање за поддршка, петмина се отфрлени.

„Очекуваме за некој месец да пристигне исцрпното оправдување дека „проектите не се од национален интерес“ – а доделените средства за неколку преводни дела, во својот непристојно низок износ, се, згора, чудно идентични за проекти со значително различен обем. Проектите за книжевни настани и платформи (кои веќе неколку години ги одржуваме волонтерски или со минимална поддршка што едвај ја наоѓаме) воопшто и ги нема на списоците. И проблемов станува очебиен кога ќе се прелистаат списоците на поддржаните проекти и доделените суми, кога ќе се воочи амблематскиот клуч по кој се распределуваат националните пари во културата“, велат од издавачката куќа.

Ненад Стевовиќ од издавачката куќа „Или или“ вели дека на резултатите од конкурсот „Или или“ добиле 13 книги, но и покрај тоа незадоволството останува.

„Не може да биде задоволен издавачот ако авторите му се незадоволни. Токму со авторите ја градевме уникатната приказна низ изминативе тендерашки години, возбудлива, квалитетна книжевна приказна. Замислете ги годините на книжевен план без нив. Беда. И сега, еве, потценети, со хонорари помали од една месечна плата на македонски политичар. Нормално, не сме само ние, има и други издавачи и автори. Издавачи и автори! По принципот за секого по нешто, повеќе се исплати издаваштвото да ти е хоби а не професија. Професионални писатели нема, и не може да ги има, на овој пазар, па и на многу поголеми и побогати пазари, но тука исто му се фаќа дали те бива или имаш идеја дека те бива, исто ќе те вреднуваат“, вели Стевовиќ.

Македонската писателка Ана Голејшка вели дека од Министерството делат „трошки за Оливер Твист“ со кои е невозможно да се исплати било каков труд, додека добитникот на „Роман на годината“, Петар Андоновски направи споредба со високите износи за патни трошоци наспроти ниските суми за издавање на книги.

Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ поминала со неколку одобрени проекти со минимални средства, па два од проектите најверојатно ќе бидат откажани бидејќи доделената помош ни оддалеку не е доволна, продолжува Фејсбук реакцијата.

„Нашите автори се разочарани и навредени, ниту оние чијшто проект беше поддржан, ниту оние што воопшто и не добија поддршка не се среќни. Чувството е такво, блуткаво, како кога ќе ти се падне мувлосана семка. Апатично дури, оти ја убива секоја надеж! Некои проекти од особено квалитетни и млади автори, автори што се носители на иднината на нашата книжевна сцена упорно не се поддржани од конкурсот што јасно вели дека примарно ќе ги поддржува младите и литературата за млади. Каква хипокризија!“, пишува Јулијана Величковска, од „ПНВ Публикации“.

Своето искуство со Министерството за култура го обзнани и лекторот, преведувачот од унгарски и културниот менаџер, Златко Панзов. Проектот „Денови на македонска култура во Будимпешта“ постигнал голем успех, што бил неочекуван и за него. Оваа година повторно била пуштена апликација со уште поамбициозна програма, но и покрај првичниот успех, биле одобрени само 20% од побараните средства. Во програмата, појаснува, предвиделе повеќе музички, филмски и книжевни настапи.

„За сериозниот пристап кон апликацијата, малтретирањето на учесниците со изјави, биографии, за договорените локации (Budapest Jazz Club, Музичка академија „Ференц Лист“, кино Толди, Хадик, универзитет ЕЛТЕ итн.) нема да пишувам. Не сум наивен и знам дека нема критериуми и знам како се делат средствата.  Но, зошто Министерството за култура испрати барање до дипломатските преставништва за поттикнување иницијативи како нашава? Што глумат? Зошто нѐ малтретираат? Дали треба да се спомене дека Будимпешта е културен центар на Централна и Источна Европа?“, посочува Панзов во својата реакција.

Ивана Смилевска