Избрани учесниците на фестивалот „Литературни Искри“ 2016

По оценувањето на пристигнатите ракописи на конкурсот на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“, кој годинава се одржува по третпат во Гостивар, жири-комисијата ги објави авторите што влегуваат во конкуренција за награди и учество на фестивалот.

Од организаторот на оваа манифестација, Центарот за култура „АСНОМ“, информираат дека жирито во состав Бранко Цветкоски, претседател, Габриела Петроска, член и Адем Абдулаху, член, ги оценило 125-те пристигнати ракописи во предвидениот рок на конкурсот.

„Жирито констатира дека одѕивот оваа година е масовен и со поетскиот квалитет на очекуваното рамниште. При тоа го направи потесниот избор од конкурентите со вистинска поетска зрелост, естетска уверливост, поетичка инвентивност и свежина на поетската постапка која ќе претставува значаен влог во развојот на македонската и балканската поезија, се наведува во соопштението на организациониот одбор, кое вчера беше испратено“, велат членовите на жирито.

Во конкуренцијата за наградите: Гран при, Прва, Втора, Трета награда, Најдобра млада искра, Најдобар странски автор на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни Искри“ и автори кои ќе се претстават на свеченото отворање на фестивалот се: Исток Улчар од Скопје, Наташа Василевска Трајчевска од Струмица, Митре Мангоски Радождански од Охрид, Катја Вангелова од бугарскиот град Варна, Невриј Адеми од Гостивар, Надица Тренчева од Кавадарци, Слаѓана Ставрева од Скопје, Вања Савова од Бургас, Константин Карев од Гевгелија, Ивана Китаноска од Гостивар, Валентина Трајковска од Охрид, Маријана Давиткова од Кочани, Митко Гогов од Струмица и Пламен Димитров од бугарскиот град Пазарџик.

Свеченото отворање на Фестивалот е во сабота, 21 мај. Наградите ќе бидат соопштени и доделени на 22 мај во просториите на Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар. Останатите, од селекцијата на жирито ќе бидат застапени во алманахот „Литературни искри“ 2016.