Избрани музичарите кои ќе добијат субвенции од државата

Откако Владата лани распиша конкурс за пејачи и композитори кои ќе напишат или изведат песни со кои, меѓу другото, се промовираат и семејните вредности, познати се добитниците на музичките државни субвенции. Елвир Мекиќ и Елена Петреска со државни пари ќе ги афирмираат семејните вредности, а Ѓорѓи Крстевски и Јован Јованов се промовираа како композитори на народна песна, пишува Дневник.

Робертино Саздов добива 4.500 евра, во категоријата „ѕвезди“.

Робертино Саздов добива 4.500 евра, во категоријата „ѕвезди“. фото: vistina.mk

Роберт Саздов, фронтменот на популарното дуо „Куку леле“ и Миле Кузмановски се единствените изведувачи рангирани како „ѕвезди“ што ќе добијат субвенции за нивните нови музички проекти. За пејачите од оваа категорија, финансиската поддршка од државата е најголема и изнесува 4.500 евра, 3000 евра за звучно снимање на песната и 1500 евра за спот.

Македонската радио-телевизија на официјалниот сајт го објави списокот со изведувачи и композиции одбрани на вториот квартален конкурс за стимулирање на македонската музичка продукција. На листата доминира познатиот автор Кристијан Габроски со дури четири примени композиции. Негови субвенционирани рефрени ќе пеат Анета Ристова, Александар Белов и две песни Елена Петреска – Толевска. Една од темите што ја изведува Петреска – Толеска е наменска – за афирмација на семејните вредности во општеството или за многудетните семејства. За оваа категорија пари од државата ќе добие и Елвир Мекиќ.

„Посебно сум среќна што ќе пеам композиција за афирмација на семејните вредности, бидејќи во моментов сум во блажена состојба. Веста дека двете композиции кои ќе ги пеам се примени на конкурсот ја добив токму кога го прославував роденденот – вели Елена за Дневник.

Интересен момент на листата се одобрените финансиски средства во категоријата „афирмиран пејач на народна музика“. На тој список како автори се наведени кантавторот Ѓорѓи Крстевски и Јован Јованов, и двајцата познати музичари на домашната поп-сцена. Во категоријата „врвен изведувач“, пак, е примена само една композиција на авторите Дамјан Лазаров и Елвир Мекиќ, а ја изведува Ламбе Алабаковски.

МРТ ја објави и листата со изведувачи и композиции кои не се прифатени на конкурсот и на истата има многу звучни имиња. Друга шанса за стимулација на своите дела ќе чекаат „Нокаут“, „Синтезис“, Адријан Гаџа, Слаткаристика, Влатко Лозаноски, Тамара Тодевска, ДНК, Ѓоко Танески. Од народњаците на испитот „паднаа“ Соња Тарчуловска, Ирена Спасовска, Наум Петрески и Ефто Пупиноски.