Избрани македонските е-спортисти кои ќе учествуваат на светското првенство во Израел

Македонската e-спорт репрезентација е целосно составена за учество на претстојното светско првенство во Израел, каде ќе се натпреварува во четири дисциплини CS:GO, Dota2, PES21 и Tekken7.

Тимот Blade Esports ќе ја преставува држава во турнирот за DOTA2, додека Good Game во дисциплината CS:GO. Во дигиталниот фудбал PES21 ќе се натпреварува Давид Гаревски, а во Tekken7 ќе настапи Стефан Глигоров.

Македонските играчи беа избрани на националното е-спорт првенство кое се одржуваше во јуни и јули. Тоа беше организирано од Македонската е-спорт федерација, во соработка со Еспортс.мк, а беше поддржано и помогнато од Град Скопје.

Тимот BLADE Esports во финалето ги порази CRYSIS со 2:0 во мечеви за DOTA2. Во оваа дисциплина се натпреваруваа осум официјални македонски тимови. Игор „Stojkov” Стојков, во моментов е рангиран на 48-мо место по MMR во Европа и доминираше за време на двата меча.

Во CS:GO, тимот Good Game успеа да ја освои титулата победувајќи го охридскиот тим ЕNTITY со 2:1 во мечеви. Станува збор за два тима со вистинско еспорт „педигре“, со искуство на меѓународни натпревари.

Првото место во дигиталниот фудбал PES21 повторно го освои повеќекратниот победник Давид Гаревски, кој во финалето се соочи со Јакуп Максути. Беа одиграни два меча со резултат 5:4 и 5:2 во корист на Гаревски, обезбедувајќи си го пласманот во Израел.

Виртуелните боречки вештини втора година се дел од официјалните натпревари. Најподготвен беше Стефан „Rogue_Identity” Глигоровкој го совлада Симеон „RFD_Spades” Двојаков.

Македонската е-спорт федерација е формирана 2009-та година и е членка на Меѓународната е-спорт федерација, на Европската е-спорт федерација и на Светскиот конзорциум за е-спорт. Досега македонски учесници биле дел од 11 светски првенства и веќе 6-та година се организира Национална е-спорт лига.