Избрани финалистите за Лузер Фест 2016

Осум бендови-финалисти ќе настапат на Лузер Фест 2016, кој ќе се одржи на 26 ноември во Младинскиот културен центар. Победникот на натпреварот ќе добие договор за објавување на прв албум, а ќе настапи и на главната вечер на Таксират фестивал.

Првиот финалист го избра публиката со онлајн гласање на интернет страницата на Таксират, а селектирани беа и останатите потенцијални победници на фестивалот. За осумте финалисти кои ќе настапат на Лузер Фест ќе гласаат публиката и жирито.

Осумте финалисти на Лузер Фест се: Contact 59, Freak Unique, Inklingz, Lincoln Letter, Мариналеда, Shell Shock, String Road и The Local Blue.

Влезниците за Лузер Фест 2016 ќе се продаваат на денот на одржувањето, на билетарата на МКЦ, по симболична цена од 100 денари. Наскоро ќе бидат објавени и дополнителни информации за овогодинешното издание на фестивалот, меѓу кои и изведувачите кои ќе настапат како гости на Лузер Фест.

И оваа година Лузер Фест, покрај тоа што ќе се одржи како предвесник на главната фестивалска вечер на Таксират, воедно ќе биде и затворање на годинашното издание на ПИН музичката конференција која ќе се одржи во МКЦ во  Скопје, на 25-ти и 26-ти ноември.