Избрани 23 наставници кои направиле најмногу видеа и активности во домашни услови преку ЕДУИНО

Вкупно 23 наставници добија јавна пофалба за трудот што го вложиле при создавање содржини кои се споделуваа на ЕДУИНО – порталот за дигитални образовни содржини, кој настана во март минатата година како одговор на пандемијата и решение на потребата за учење од далечина.

Иницијативата подразбира признание за наставниците што снимиле најмногу видеа и изработиле најмногу активности за игра во домашни услови.

„За првпат им оддаваме јавно признание на наставниците што се движечката сила на образованието, а со тоа и на општеството. Преку оваа иницијатива сакаме да искажеме неизмерна благодарност до сите што вложија огромен труд, време и знаење во создавањето видеолекции и едукативни активности за предучилишно, основно и средно образование“, велат од ЕДУИНО.

Првите амбасадори за 2020 година се: Зорица Адамчевска, Жарко Алексовски, Шемсие Ајдари, Насер Адили, Љазиме Амети, Светлана Бобевска, Мирадие Бајрами, Марија Богатиновска, Фатиме Беџети-Дурмиши, Валентина Гаврилоска, Ќемалједин Емини, Рамиз Иљази, Марија Мостро, Исак Османи, Зорица Пармачка-Велински, Весна Пупучовска, Симона Ташева, Елена Ташева, Елена Тодоровска, Соња Трифуновска, Незир Таири, Горан Цветкоски и Александар Цветкоски.

Наскоро е најавен и нов избор на следните ЕДУИНО-амбасадори, кои исполниле еден од досега поставени критериуми:
● снимиле над 15 видеа;
● изработиле над 10 активности за игра во домашни услови.

Досега над 1200 наставници во државата придонеле во креирање на повеќе од 3.626 видеа, односно за:
● предучилишно образование: 303 видеа;
● основно образование: 2.925 видеа;
● средно образование: 398 видеа.

Поддршка на иницијативата дадоа и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, министерката за образование и наука, Мила Царовска и в.д. директорот на Бирото за развој на образованието, Зеќирија Хасипи.