Избрана новата Антикорупциска комисија, ќе ја предводи ревизорот Билјана Ивановска

Двајца вработени во секратеријатот на Антикорупциската комисија, двајца ревизори, двајца од локалната самоуправа и еден новинар ќе ја сочинуваат новата Комисија за спречување на корупција.

Собранието новите членови ги избра со 65 гласа „за“, ниту еден „против“ и 10 „воздржани“.

Претседателка на Комисијата ќе биде Билјана Ивановска, а за членови се именувани и Владимир Георгиев, Софка Пејовска Дојчиновска, Катица Николовска, Нури Бајрами, Горан Трпеновски, Шемши Салаи кои беа седумте најдобро рангирани кандидати од страна на Комисијата за селекција на кандидатите.

За членови на Комисијата беа пријавени вкупно 57 кандидати кои во Собранието беа интервјуирани од страна на пратениците, новинари и претставници на невладини организации.

Македонија немаше Антикорупциска комисија од март минатата година, откако претходниот состав поднесе оставка по објавите во јавноста дека членовите земале пари за патни трошоци со лажни налози.