Избран новиот состав на ДИК, ќе го раководи Александар Даштевски

Со 95 гласа „за“ Собранието го изгласа новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК) во која ќе се најдат три стари и четири нови членови.

За претседател на Комисијата, на предлог на опозицијата, беше избран Александар Даштевски, а покрај него во телото задолжено за спроведување на изборите ќе бидат и Дитмире Шеху, Бобан СтојаноскиБорис КондаркоРадица РистескаОливер Ристовски и Кренар Лога.

Новиот состав на ДИК е избран непосредно пред крајот на мандатот на актуелниот, кој завршуваше на 15 јануари.

За старо-новиот составот на ДИК немаше некоја поголема дискусија меѓу пратениците на собраниската седница. Единствениот што се пријави за збор беше пратеникот Кастриот Реџепи, кој рече дека во иднина треба да се размислува за идејата во ДИК да се избираат професионални, натпартиски членови како долгорочно решение што ќе оневозможи било која од партиите да обвинува за изборни нерегиларности.

Претходниот состав на ДИК ќе остане запаметен и по тоа што на последните парламентарни избори цели две дена беше паднат електронскиот систем за презентирање на резултатите од гласањето и беше недостапен за граѓаните. За овој случај Јавното обвинителство отвори истрага против четири лица од Државната изборна комисија (ДИК) и сопственик на правно лице поради сомнежи за нелегалности при набавката на софтверот кој ги пресметуваше изборните резултати.