Изборите завршија, НаТочак го потсетува Шилегов за ветениот вело-град

Иницијативата НаТочак преку својот ФБ профил го потсети скопскот градоначалник Петре Шилегов дека на негов повик, за време на предизборната кампања, го потпишаа меморандумот за соработка, кој содржи 14 точки и предвидува чекори за тоа како од Скопје да се направи град за безбедно возење точак.

„Бидејќи изборите завршија, Градоначалникот Шилегов ја презема функцијата, време е да почнеме да соработуваме по точките за кои заеднички се согласивме“, потсетуваат од НаТочак.

Од вело-иницијативата, редовно алармираат за бројни вело-проблеми во Скопје. Последна е небезбедната велосипедска патека од Рута 1, од проектот Скопје – Велоград,  под Стоковна куќа Мост каде висат кабли, речиси во висина на тело на велосипедист.

„Кога е план да се санира ова пред некој да биде повреден? Да повториме, концептот Скопје ВелоГрад не подразбира само асфалтирање сообраќајна површина, туку е многу поширок концепт кој вклучува константна грижа за условите за сообраќање на велосипедистите. И оваа мерка, индиректно, е дел од вашите декларирани заложби за намалување на загадувањето. Во таа насока треба да се стимулираат незагадувачки начини на превоз, наместо да се прават исклучително небезбеден начин на транспорт со презентирањето на ваква основна негрижа. Благодариме на внимание. Очекуваме итна реакција“, реагираат НаТочак.