Избори во Заечар и Косјериќ во Србија: Автомобили од други градови кружат околу избирачките места

Денес, 8 јуни, во Заечар и Косјериќ се одржуваат редовни локални избори, каде ќе се избираат советници на собранијата на овие две локални самоуправи. Избирачките места се отворија во 7 часот утрово. Студенти во блокада од Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград снимиле луксузен автомобил со белградски таблички во селото Тубиќи во близина на Косјериќ, наведувајќи дека се обиделе да купат гласови во приватна куќа, пренесува Н1.

„Во селото Тубиќи во близина на Косјериќ, се обиделе да купат гласови во приватна куќа. Се организирале, но се организиравме и ние: Внимавајте, се снима!“, објави ФДУ на X.

Според нив, автомобили без регистарски таблички возат низ Косјериќ, криејќи се од мештаните.

„Денес се бранат избирачките места. Косјериќ е под опсада“, напишаа студентите.

Исто така, тие објавија и листа со регистарски таблички на службени возила од Горен Милановец за кои велат дека локалците од Косјериќ дознале дека во 13 часот се најавени да дојдат.

„Подобро да се спречи, отколку лечи. Народот и понатаму се опира, затоа што се организира“, наведоа тие во објавата.

Дополнително, студентите од ФДУ кои се во блокада објавија и дека газдата на куќата во Косјериќ, за која – како што велат – се сомнева дека во неа се купуваат гласови, „пуштил пчели“ за да ги спречи екипите што известуваат да ѝ се доближат.

Според невладината организација ЦРТА, забележани се два случаи во кои членовите на избирачкиот одбор им дале веќе пополнети гласачки ливчиња на гласачите и тие пријавиле во полицијата дека неколку набљудувачи во Косјериќ добиле закани и провокации преку телефонски повици.

Собранието на градот Заечар има 50 советнички места, а право на глас имаат 47.353 граѓани, кои ќе гласаат на 69 избирачки места од 7 до 20 часот.

Граѓаните на Заечар ќе избираат од осум листи: „Александар Вучиќ – Србија нема да ја дадеме“, „Промената во која веруваме – Угљеша Ѓуричковиќ – Драгана Рашиќ“, „Обединети за спас на Заечар – Миладин Крстиќ – Мирко Јеленковиќ“, „Др. Дачиќ – Социјалистичка партија на Србија – одлучно за Заечар“.

Ќе можат да гласаат и за листите „Коалиција за Источна Србија – Саша Радуловиќ Грљанац“, „Ние моќта на народот, проф. д-р Бранимир Несторовиќ – Град Заечар“ и „Српските либерали – Нека праша професијата – Владимир Ковачевиќ“.

Општинскиот совет на Косјериќ има 27 советнички места, а 8.897 граѓани ќе можат да гласаат на 29 избирачки места кои ќе избираат помеѓу три листи – „Нема да ја дадеме Србија – Александар Вучиќ“, „Руска партија – Србија во БРИКС! Слободан Николиќ“ и Обединети за Косјериќ.