Избори се ближат – Груевски најави и бесплатно патување за студенти во Барселона, Венеција или Париз

Од следната година, студентите со просек над 9,5 кои студираат на првите три рангирани универзитети во Република Македонија, согласно листата што ја прави Шангајскиот универзитет, ќе можат бесплатно да патуваат двапати годишно во Париз, Венеција или Барселона, на сметка на државата, најави денеска премиерот Никола Груевски. Тој соопшти дека првата тура ќе биде во во мај-јуни, а втората во септември, најдоцна почетокот на октомври.

„За сите студенти што имаат просек над 9,5 на првите три рангирани универзитети, државата ќе обезбеди бесплатно патување со авион и ќе го покрие целото патување, вклучувајќи сместување, храна, авионски превоз и се останато што влегува во еден таков аранжман. Македонските студенти ќе имаат можност да посетат три дестинации за кои проценивме дека се меѓу најатрактивните за патување на младите, Париз, Венеција и Барселона., рече Груевски, додавајќи дека целта е да се поттикнат младите да имаат подобар резулат во своето учење.

Претходно, Груевски најави бесплатен превоз за студентите на државните факултети во сите градови во кои има организиран јавен превоз, како и „бесплатна среда“ за средношколците, во која тие, покрај во јавниот превоз, ќе можат бесплатно да влезат и во кината, театрите и другите културни институции.

Од Студентскиот пленум реагираа на оваа мерка нарекувајќи ја предизборен трик на Владата и дискриминаторска, бидејќи според најавите, ќе важи само за редовните студенти од државните универзитети.

„Десет години на оваа владејачка структура и беа приоритет пензионерите , десет години тие ја добиваа пред нас оваа придобивка која сега после десет години ја добиваме ние студентите. Ние студентите им се заблагодаруваме на ова десетгодишно задоцнување за оваа мерка која е од големо значење за студентите, но исто така во тоа гледаме евтин трик за предизборно купување на гласови“, реагираше Пленумот.