Избор на декан денеска на Правен меѓу професорите Коевски и Тупанчески

На седница на Наставно-научен совет денеска ќе се бира декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“во Скопје. Во изборот учествуваат професорот по деловно право Горан Коевски и професорот по кривично право Никола Тупанчески.

Иако мандатот на досегашниот декан Борче Давитковски треба да заврши во септември, тој лани си даде оставка, по што започна постапка за избор на нов декан, каде поддршката ја доби професорот Коевски. Сепак,  Инспекторатот ја поништи оваа одлуката и неговата номинација за в.д. декан.

Професорот Горан Коевски е роден 1965 година во Скопје. Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први” во 1988 година, додека во 1996 година магистрирал на Правниот факултет при Универзитетот во Нови САД, Србија на тема: „Долгорочни инструменти за финансирање на претпријатијата, со посебен осврт на обврзниците како долгорочна хартија од вредност во споредбеното право.” На истиот факултет докторирал во мај 2000 година на тема: „Договорот за дистрибуција на стока во споредбеното право.”

На Правниот факултет “Јустинијан Први” во Скопје е вработен од 1989 година, каде што од 2010 година е избран за редовен професор на научната област трговско право. Од ноември 2000 до октомври 2004 година ја вршел функцијата продекан за настава на Правниот факултет во Скопје.

Има објавено повеќе од седумдесет научни и стручни трудови во домашни и странски списанија. Самостојно и во коавторство објавил повеќе монографии, од кои поважна е неговата монографија “Компаративно корпоративно управување,” која во издание на Правниот факултет “Јустинијан Први” е објавена во октомври 2005 година.

Професорот Никола Тупанчески е роден во 1961 година во Охрид. Редовен професор на Правниот факултет е од септември 2012, додека од 2013 година е раководител на Институтот за казнено право.

Тој е професор е по казнено право (прв циклус на студии), меѓународно казнено право, економско казнено право, медицинско казнено право, криминална политика, компаративно казнено право, малолетничко казнено право, правда и внатрешни работи (втор циклус на студии – мастер студии). Изведува настава и спроведува испити и на додипломски, постдипломски и докторски студии, а предавач е на пост-дипломски студии по интелектуална сопственост на Универзитетот во Стразбур.  Активно беше вклучен во реформите за казнено право.

Од 2008 до 2013 тој бил и продекан за меѓународна соработка.