Иванов предложи амнестирање на обвинетите за насилствата во Собранието

Ако имаат доблест новите пратеници во новиот состав на Собранието, ако сакаат да влијаат на смирување на општеството и да покажат акт на добра волја и на помирување, нека го направат тоа што беше направено по конфликтот во 2001 година. Тогаш знаеме дека Собранието амнестираше воени злосторници. Ако можеле воени злосторници да се амнестираат, зошто да не им се помогне на луѓе кои ги завела толпа или луѓе кои учествувале во нешто што е повеќе израз на емоции“, рече претседателот Ѓорге Иванов во интервјуто во емисијата „Само вистина“ на телевизија „Канал 5“.

Иванов вчера му го додели мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за што смета е чекор кон надминување на длабоката политичка криза која трае повеќе од две години.

„Создаваме преседан за идните мандатари да не бидат уценувани, да не бидат условувани, да не бидат под притисок за прашања за кои не може да се разговара, а тоа се унитарноста и независноста на државата, територијалниот интегритет и суверенитет. Ниеден акт не може да ја доведе државата во подредена состојба и зависност од друга држава. Тоа се состои во изјавата на господинот Зоран Заев. Тоа ќе биде позитивен случај за сите идни мандатари, да не бидат доведени во позиција некој друг да ги уценува“, рече претседателот Иванов.

Фото: Принтскрин од интервјуто на Канал 5