Иванов: Мора да се почитува автономијата на универзитетот

Само со длабоки реформи во образованието на сите нивоа, македонските студенти и професори ќе станат партнери, а не само консументи на резултатите на глобалните научноистражувачки достигнувања, рече денеска претседателот Ѓорѓе Иванов на своето годишно обраќање во Собранието.

Иванов истакна дека со внимание ја следи јавната дебата за новите предложени законски решенија за сите степени на образование.

„Неопходно е да се слушнат сите засегнати страни, и универзитетите и студентите, наставниците и учениците, родителите, бизнис секторот и предлагачот. Заеднички и низ дијалог да го најдеме најдоброто решение. Студирањето е израз на слобода, но и на одговорност. Автономијата на универзитетот е уставно загарантирана и мора да се почитува“, рече претседателот Иванов.

Според него, македонските универзитети не котираат високо на ранг листите, а македонските студенти, со ретки исклучоци, не добиваат конкурентно образование кое е наменето за глобален натревар. Тој истакна дека успешните приказни во образованието најчесто се резултат на лична иницијатива, амбиции и ангажираност од самите студенти и професори.

„Ако во минатото државата ги креираше образовните профили за нејзините потреби, денеска пазарот и бизнисот се повеќе ја преземаат таа улога и креираат профили според своите потреби. Оттука, повеќе од јасно е дека не очекуваат неопходни реформи“, смета Иванов.