Иванов: Македонија може да прими 2 000 бегалци

Македонија ќе може да прими максимум 2 000 бегалци и тоа со помош на УНХЦР и на Црвениот Крст, изјави денеска претседателот Ѓорге Иванов по завршувањето на мини-самитот во Брисел, на кој тема беше бегалската криза.

Според Иванов, нашата земја исто така не посакува да се случи затворање на коридорот, но она што ќе го превземат членките на ЕУ ќе мора да го стори и нашата држава.

„Македонија е подготвена за сите сценарија, но не сакаме до тоа да дојде. Кооперативни сме да бидеме транзит-зона, бегалците да приоаѓаат и да не остануваат. Се надеваме дека нема да дојде до затворање на границите. Затоа е и свикан овој состанок, за да се најде решение. Се разговара за можни солуции и Македонија затоа учествува. За жал не сме во ЕУ, но мора да имаме информации за да се справиме со сите предизвици со кои се соочуваме во однос на бегалците“, напомена Иванов.

Претседателот рече дека бегалската криза е голем предизвик, не само за ЕУ, туку за цела Европа како континент. Тој посочи дека се расправало како да се најдат решенија за овој огромен предизвик.

„За разлика од бегалците од Сирија и Ирак кои сакат да се вратат во своите домови, бегалците од Африка тоа го немаат. Тоа ја усложнува состојбата, бидејќи нема размена на информации, нема комуникација меѓу сите земји на овој коридор. Македонија, како и во други случаи и во овој случај е парадокс, бидејќи сите бегалци доаѓаат од територија на ЕУ. Тоа го потенцирав и во мојот говор, бегалците требаше да дојдат за да се укаже кој е најбрзиот приод на Блискиот Исток кон Европа. Многумина заборавиле кои се коридорите кои одат кон ЕУ и ЕУ сега се соочува со овој предизвик од територија надвор од ЕУ, а тоа пред се е Турција“, посочи Иванов

Според македонскиот претседател, на овој состанок се отвориле многу прашања, бидејќи досега секоја земја на свој начин го решава овој проблем. Но, со овој состанок се доаѓа до заедничко решавање и на ЕУ и на кандидатите за членство во Унијата и земјите на патот на коридорот на бегалците. Според него, се работи на изготвување на документ кој треба да ги земе предвид сите забелешки, што ќе доведе до регулирање на досега нерегулираните прашања меѓу членките и нечленките на ЕУ.

Иванов додаде дека досега Македонија добила само 90 илјади евра средства од ЕУ, а месечно троши милион евра за трошоци за безбедносните сили. Низ Македонија, според претседателот, поминале 7.000 деца без родители и затоа земјата бара финансиска, но и техничка помош, бидејќи нема опрема за земање на биометриски податоци кои би се користеле и од други земји на патот на регионот.

„Иако Македонија нема финансиска помош, земјата се снаоѓа и единствено може да биде транзит-земја. Македонија нема капацитет за да може да задржи поголем број бегалци на своја територија ако коридорот се затвори“, вели Иванов.

Самитот кој официјално започна синоѓа во 16 часот, заврши утринава околу еден часот со сериозни измени на точките во планот на Јункер и Меркел. По долго и исцрпно преговарање, рано утринава шефовите на држави и влади на 10-те земји-членки на Европската унија со Македонија и Србија се согласија на 17 точки-заклучоци за итно справување со бегалската криза. Три параграфи од 13-тата точка на овој план, а поврзани со менаџирање на границите, се директно поврзани со Македонија.

Овие параграфи за Македонија предвидуваат: итна имплементација на билатералните мерки за градење доверба, посебно во засилувањето на граничната соработка меѓу Грција и Македонија. Потоа, Грција, Македонија и Албанија да ја засилат контролата на надворешната земјена граница, при што Фронтекс ќе треба да и помогне на Грција во регистрацијата на бегалците и мигрантите кои се уште не биле регистрирани во земјата. Во овој дел е избришано присуството на Фронтекс на границата со Македонија, поради одбивањето на Грција. Последна точка поврзана со нашата земја е засилена посветеност на УНХЦР на границата меѓу Грција и Македонија.