Иван Синчиќ – младиот хрватски кандидат за претседател кој ги изненади сите

Иван Вилибор Синчиќ е 25-годишно момче кое на претседателските избори во Хрватска се најде во „мртва трка“ помеѓу актуелниот претседател Иво Јосиповиќ, но и кандидатот од Хрватската демократска унија, Колинд Грабар Китановиќ.

Тој и неговата партија „Жив ѕид“ иако не успеаа да го поминат првиот круг, Синчиќ ќе остане запаметен како најмладиот кандидат за претседател во историјата на Хрватска. За изненадување на сите, тој успеа да освои дури 16,42 проценти од гласачите.

Според анализите, тој успеал да го освои секој шести Хрват, со својот неконвенционален политички пристап, скромноста и програмата што се фокусира на борбата против насилното иселување.

Германските и австриските медиуми го опишуваа како „младиот анархист кој со својот резултат претставува големо изненадување на изборите, но и сериозна закана за Јосиповиќ и Китаровиќ“. Синчиќ за вториот круг вели дека нема да го даде својот глас на ниеден од кандидатите.

Младиот кандидат за претседател предизвика различни мислења кај аналитичарите. Според некои, Синчиќ успеал да ги освои неодлучните гласачи, но сите се согласуваат во тоа дека освоил добар број од гласачите.

„Резултатот на Синчќ претставува протестно гласање и друг начин на гледање на развојот и тешката социјална ситуација“, смета хрватскиот професор Здравко Пета.

Многумина од аналитичарите, како што е и познатиот политиколог Бошко Пицула, сметаат дека поголемиот дел од луѓето кои гласале за Синчиќ „ќе си останат дома“ за вториот круг.

Жељка Антуновиќ, поранешна министерка за одбрана на Хрватска, а сега близок соработник во штабот на сегашниот претседател Јосиповиќ, признава дека Синчиќ укажал на вистинските проблеми на еден хрватски граѓанин.

„Господин Синчиќ ги отвори темите кои ги мачат нашите граѓани и тоа е нешто со што политичарите би требало да им се обраќаат на граѓаните, да им се зборува за нивните проблеми, но и да се понудат решенија. Синчиќ не ги понуди тие решенија, тој повеќе настапи анархистички. Но, она што е сигурно и дефинитивно е дека зборуваше за вистинските работи и вистинските проблеми“, изјави Антуновиќ.

Синоќа околу 200 луѓе го поздравија својот кандидат Синчиќ кој најави дека со својата партија ќе се појави и на парламентарните избори.