Иван Наумовски е најмладиот солист во „Веселата вдовица“ на Операта во Грац

Македонскиот баритон Иван Наумовски, најмлад студент на мастер-студиите на престижната Музичка академија во Грац, во класата на професор Том Сол, ќе биде најмладиот солист во екипата на оперетата „Веселата вдовица“ од Франц Лехар, во режија на познатиот француски оперски режисер Оливие Тамбози. Премиерата ќе биде одржана на 8 ноември.

Иван Наумовски

Покрај неколкуте настапи како дел од класата на професорот Сол, минатата сезона Наумовски успешно учествуваше и во десет изведби на сцената на оперската сцена на Академијата во Грац. Тој настапи како Импресарио во „Вива Ла Мама“ (или „Театарските згоди и незгоди“) од Доницети и како Мазето во Моцартовата опера „Дон Џовани“. Ласкавите критики за следнава сезона му обезбедија 14 претстави во Операта на Грац.

На крајот од следниот месец, Наумовски ќе биде и почесен гостин на музичкиот натпревар на Академијата за уметност во Осло, а декември е резервиран за почеток на режиските проби на продукцијата на комичната опера за деца „Пунчот на желбите“ од Елизабет Наске. Оваа современа опера инспирирана од романот на Микаел Енде првпат се поставува во Австрија, а главната улога на злобниот волшебник Ирвицер му е доверена токму на македонскиот баритон Наумовски.

Иван Наумовски (24) студираше на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Марија Муратовска-Наумовска (инаку, негова мајка). По дипломирањето со највисока оценка – cum laude продолжи со мастер студии на Музичката академија во Грац. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди. Настапувал со Оркестарот на МОБ и Македонската филхармонија, учествувал на Скопско лето и Деновите на македонската музика. Посетувал мастер-класи кај еминентни уметници, како Хелена Лазарска, Еленор Фалкенбург, Лидија Хорват Дуњко и Бригит Фасбендер. Членувал во наградуваниот хор „Драган Шуплевски“ под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски, а од нашите диригенти соработувал и со Саша Николовски-Ѓумар, Борјан Цанев и Бисера Чадловска, a концертниот подиум нa концертната турнеја низ Македонија го делел и со нашиот најпознат пијанист Симон Трпчески.

Извор: А1он