Итно и неодложно донесување на Законот за социјална заштита, бара Македонската платформа против сиромаштија

Македонската платформа против сиромаштија побара од пратениците итно да го донесат Законот за социјална заштита и започнување на социјалната реформа.

Оттаму ги потсетија претседателот на собранието, Талат Џафери и координаторот на ДУИ, Ејуп Аљими, дека и албанските граѓани се засегнати од сиромаштијата.

„Загрижени сме и не сакаме да веруваме дека токму тие двајца се кочничарите на социјалната реформа во Парламентот. Ги повикуваме сите пратеници, да излезат надвор од своите политички стеги и да се заложат за доброто на најранливите граѓани. За жал, сиромаштијата стана единствената тема за која се обединуваат сите граѓани на земјата, од сите етнички групи и од сите возрасти. Доста се ветувања и неодговорно однесување кон граѓаните. Социјалната заштита се однесува на сите нас, а ставањето крај на сиромаштијата е политичка одлука“, стои во реакцијата.

Македонската платформа против сиромаштијата веќе девет години бара воведување на Гарантиран минимален приход со цел да им се помогне на лицата кои живеат во сиромаштија и социјална исклученост. Според нив, со воведување на социјалната пензија, детски додаток и образовен додаток, односно со новата социјална реформа ќе се опфатат многу социјално загрозени лица.

„Конечно новиот предлог закон за социјална заштита заедно со останатите закони од пакетот на социјалната реформа ќе гарантира социјална сигурност за сите граѓани, ќе превенира од сиромаштија и ќе активира. Со новите решенија се прави обид за суштинска реформа на системот на социјалната заштита и начинот на кој ќе се овозможуваат услугите од социјална заштита, и адресирање на забелешките во Извештаите на земјата од минатите години, а кои се однесуваат на системски недостатоци и недоволните капацитети на институционално ниво во социјалната заштита“, велат од МППС.

Од Платформата забележуваат дека се потребни измени. Предлагаат да се воведат нови услуги, соработка помеѓу секторите за социјална заштита, образование и здравство, како и да се размисли за ревизија или замена на системот, бидејќи како што велат, поддршката на паричната помош не ги дава посакуваните резултати.

Покрај ова, потсетуваат и на недоволниот износ за парични надоместоци за социјално загрозените семејства, недоволниот капацитет на државните институции за спроведувањето на националната политика за социјална заштита, како и дека социјалните работници се претежно задолжени за административни барања, со недоволно време и внимание на терен за поддршка на оние на кои им се потребни услуги од социјална заштита.