Втор ден блокади во валандовскиот крај поради одолговлеченото свикување на итна седница на која Советот треба да одлучува за распишување на референдум за рудникот „Казандол“.
Валандовчани денеска ги проширија блокадите на две клучки: Валандово-Пирава-Брајковци и Валандово-Струмица-Дојран. Во тоа добија поддршка и од нивните сограѓани од Богданци, каде пред неколку дена мнозинството граѓани гласаа „против“ изградба на рудник во нивната околина.
Жителите упатија последно предупредување до локалните власти – или да се закажи итна седница во најбрз можен рок, или во спротивно, блокадите ќе станат помасовни, а најавија и протести.
Пред една недела, барањето за распишување на референдум што го поддржаа 2213 граѓани беше доставено до општината.
„Ве известуваме дека група советници исто така ќе поднесат барање за свикување итна седница и доколку локалните власти се обидат повторно да ја одолговлекуваат ситуацијата најавуваме радикализација на блокадите и масовни протести со други здруженија кои ни нудат поддршка“, велат од иницијативата „Спас за Валандово“.