Италијански градоначалник, познат по интегрирање на мигранти, уапсен за „помагање нелегална миграција“

Доменико Лучано, градоначалникот на Риаче, италијански град од јужниот дел на земјата, кој беше препознатлив по политиките кои помагаат на мигранти, е ставен во куќен притвор за наводно помагање во нелегална миграција.

Лучано бил уапсен по истрага на јавното обвинителство, кое открило дека тој наводно бил вмешан во организирање лажни бракови со кои на девојки мигранти им се овозможува престој во Италија, пренесува Еуроњуз.

Полицијата соопштила дека пресретнала разговор во кој градоначалникот зборува за случај на Нигеријка која требало да стапи во брак со италијански државјанин откако нејзината дозвола за престој била одбиена.

Обвинителството ги отфрлило сомнежите за проневера и мито.

Риаче стана познат како град кој е отворен за прифаќање и интегрирање на мигранти и бегалци во локалната заедница. Во последните години администрацијата на градоначалникот изготви програми за привлекување на мигранти во малото место кое многу граѓани го имаат напуштено во потрага по подобри можности.

Мигрантите се вдомени во напуштени куќи без плаќање кирија, а владините средства кои ги добива локалната власт се насочуваат кон заедници кои на мигрантите им обезбедуваат обуки и минимални приходи.

Поради неговата работа со мигрантите, Лучано се најде меѓу 50-те најголеми светски лидери според списанието „Fortune“ во 2016 година.