Италијанската претстава „Убиј ги децата“ – најдобра на фестивалот „Лица без маски“

Жири комисијата на шестото издание на ИТФ „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“, во состав: Васил Зафирчев, актер и уметнички директор на велешкиот театар, Сотир Трајков, новинар и театарски критичар од ТВ Телма и актерот и пантомимичар Дарко Вељиќ, по гледањето на сите шест претстави од официјалната конкуренција на годинешниот фестивал, ја донесоа следната одлука:

Наградата за најдобра претстава во целина, беше доделена на претставата „Убиј ги децата“, во режија на Фабио Омодеи, во изведба на Академијата за театарСофија Амендолеа“ од Рим, Италија. Овој сценски спектакл го покажа светот на гротесктен начин низ театар на циркус. Во него доминираше колективната актерска креација, визуелнизацијата, одлична режија, во која со минималистички изразни средства беа критикувани светските центри на моќта, визави стравот за сопствената егзистенција на секој поединец вклучително и најмладите. Овој пацифистички театарски концепт во време на општа светска дезинтеграција, ги освои срцата не само на жири комисијата туку и на публиката

Наградата за најдобра режија жирито ја додели на Саша Ефтимова, за нејзиниот авторски проект „ФИЛМ. Во своевиден бродвејски клуч таа прикажа театар на сенки со балетски изведувачи, што претставува освежување на нашата театарска сцена. Преку оваа претстава Ефтимова, промовира нови методолошки пробиви кои се движат на линијата меѓу современиот танц и театарот и во која таа го третира танцот не како изразно средство туку како состојба на духот и преку него се обидува да го промислува светот како место за убавото во и околу нас.

Наградата за најдобра актерска игра  му припадна на актерот од бугарскиот театар „Ателје 313“ од Софија Тодор Нисторов, за креацијата во претставата „ДЕВОЛУЦИЈА“. Според жирито, Нисторов прикажа суверена актерска креација која се движеше помеѓу физичкото и емотивното со исклучителен усет за партнерска игра, беспрекорната пластичност при трансофрмацијата на слоевито креиран лик, но и простор за сопствено себе претставување. Поради точната, силовитата и длабоко емотивната актерска игра преку многуслојната драмска струкутра и поради чистината и едноставноста во третманот на пренесувањето големи идеи на прилично едноставен начин.

Наградените се закитија со оригиналните плакети направени од филигран со сребро, кои го претставуваат логото на фестивалот, а истите се дизајн на мултимедијалната артистка, Марија Милошевска.

Италијанската претстава „Убиј ги децата“ - најдобра на фестивалот „Лица без маски“Годинешното издание на фестивалот „Лица без маски“, целосно го оправда слоганот „Ослободи се!“, со одличните претстави на гостите од Бугарија, Србија, Полска, Италија и Романија, а секако предизвик беше и отворањето со претставата „Филм“, во режија на Саша Ефтимова.

Во изминатите пет дена, македонската публика која ја имаше во голем број, беше сведок на несекојдневна театарска визуелизација и претстави со различни естетски предиспозиции и лесно разбирливи пораки.

Како куриозитет на фестивалот оваа година беа и работилниците кои ги одржуваа режисерите и актерите од гостувачките театри, за кои имаше огромен интерес не само од учесниците на фестивалот, туку и од македонските актери и режисери, што целосно беше исполнета мисијата на „ЛИЦА БЕЗ МАСКИ“, за едукација и размена на искуства.