Италијанската полиција со воден топ против бегалци кои запоседнаа плоштад во Рим

Со воден топ и пендреци полицијата се судри со бегалци кои протестираа со запоседнување на мал плоштад во Рим, револтирани од одлуката да бидат отстранети од зграда во која сквотирале пет години.

Телевизиските снимки прикажуваат како луѓето викаат и со палки се обидуваат да ја удрат полицијата која била во опрема за справување со демонстрации. Плоштадот, оддалечен еден блок од централната римска железничка станица, бил прекриен со душеци, превртени канти за отпадоци и искршени пластични столчиња, пренесува Гардијан.

ФОТО: ЕПА

Околу 100 луѓе го окупирале местото од саботата, кога поголемиот дел од 800 сквотери биле отстранети од празна државна зграда која ја запоседнувале подолг период.

Врз зградата било распнато платно со натпис на италијански јазик: „Ние сме бегалци, не терористи“.

Повеќето од сквотерите биле од Еритреја со одобрен азил. Полицијата соопштува дека тие одбиле да го прифатат привременото сместување кое им го понудиле градските власти.

Во соопштението, полицијата вели дека бегалците имале канистери со плин, некои од нив отворени, додека службениците биле удирани со камења, шишиња и спреј за самоодбрана.

Две лица биле уапсени.