Италијанска мајка доби тужба против 40-годишните синови кои одбивале да го напуштат семејниот дом

75-годишна Италијанка ја доби тужбата против нејзините два сина на возраст од 40 и 42 години, откако тие одбивале да се иселат и да живеат независно.

„Децата“ одбивале да го напуштат нивниот семеен дом, а во меѓувреме мајката целосно се грижела за готвењето и чистењето на нејзин трошок. Таа неуспешно се обидувала да ги натера да се иселат.

Жената најпосле станала толку револтирана од состојбата што се одлучила да ги тужи нејзините синови, особено поради фактот што и двајцата имале работа, но одбивале да учествуваат во секојдневните домаќински работи и поделба на трошоците, пишува италијанската новинска агенција АНСА, пренесува Еуроњуз.

Судот одлучил во нејзина корист и наредил синовите да се иселат од домот. Судијката Симона Катерби во одлуката навела дека иако родителите се должни да обезбедат дом за нивните деца, тоа повеќе не било оправдано бидејќи „децата“ во овој случај имале повеќе од 40 години.

Според одлуката двата сина мора да се иселат од домот пред 18 декември.

Иако пресудите за присилно иселување против членови на семејството се ретки, не се необични во Италија, каде според податоците преку 2 милиони луѓе над 30 години живееле заедно со нивните родители во 2022 година.

Во просек, младите луѓе во Италија го напуштаат семејниот дом на 26 години. Но, чест случај е тие да живеат со своите родители и кога ќе наполнат повеќе од 26, па дури и 30 години, бидејќи младите го сочинуваат мнозинството на невработени во земјата.

Според последните податоци невработеноста во Италија била 7,8% во август годинава, додека кај младите овој процент изнесувал 22,3%.