Италија забрани туристички патувања на македонски државјани, Данска ги олесни ковид-правилата за влез

Влошената состојба со ширењето на Ковид-19 во Северна Македонија предизвика заострување на мерките на италијанските власти за влез во државата на македонски државјани.

Како што соопштија од Министерството за надворешни работи (МНР) италијанските власти ја преместиле Северна Македонија од листа Д во листа Е, со што не е дозволено туристичко патување за македонските државјани во Италија. Влез ќе биде дозволен исклучиво за: работни потреби; апсолутна итност; здравствени потреби; потреби за студирање; враќање во својот дом или живеалиште.

„Враќање или влез во Италија, се дозволува за оние државјани на Северна Македонија кои имаат регулирано долгорочен престој во Италија и за нивните членови на семејството. При влез или враќање во Италија од нашата држава задолжително е презентирање на: Пополнет онлајн формулар за локација (dPLF), негативниот резултат на молекуларен или антигенски тест покрај што сепак следува задолжителна самоизолација и здравствен надзор во период од десет дена. По десетте дена изолација, задолжително е да се изврши дополнителен молекуларен или антигенски тест“, соопштија од МНР.

Данска, од друга страна, ги олесни процедурите за влез на државјаните на Северна Македонија. Со најновата одлука на данските авторитети, македонските државјани ќе можат да влезат во Данска без ограничувања или валидни причини но, потребно е да приложат валиден ЕУ дигитален сертификат кој што вклучува потврда за вакцинација (одобрени од ЕМА)/потврда за закрепнување (не постара од 12 месеци) или негативен ПЦР тест.

Од МНР посочуваат дека за повеќе информации граѓаните можат да ја посетат нивната веб-страница.