Италија сака да воведе привремени „хуманитарни визи“ за либиските мигранти

Италија потврди дека размислува да воведе привремени хуманитарни визи кои би им овозможиле на десетици илјади мигранти кои пристигнале во државата од Либија, да патуваат низ Европската унија.

Потегот може да предизвика итен одговор од Австрија, како затворање на границата со Италија на преминот Бренер.

Можностите Италија да успее легално да им дозволи хуманитарни визи на мигрантите на овој начин се мали, но заканата е наменета за да се развие дискусија во ЕУ, откако Италија не успеа да добие практична поддршка од Германија и Франција за да прифати повеќе луѓе кои пристигнуваат во сè поголеми бројки од Либија.

Бегалската криза остава растечки домашен политички притисок на владата водена од Демократската партија, а градоначалниците одбиваат да прифатат повеќе мигранти.

Во интервју со весникот Ил Манифесто, Марио Џиро, заменик-министерот за надворешни работи, изјави дека владата ги разгледува сите опции, меѓу кои и давањето на привремени визи. Претходно ја опиша идејата како шпекулација, а беше отфрлена и од министерот за внатрешни работи.

Тој вели дека Италија сака да избегне унилатерални гестови, но е против строгото користење на европскиот закон со кој се бара мигрантите да останат во првата земја во која ќе пристигнат.

„Не прифаќаме да бидеме претворени во европско жариште, или пак да се чувствуваме виновни бидејќи ги спасуваме луѓето. Затоа, да одлучиме што да правиме со мигрантите кои пристигнуваат е одговорност на сите“, вели.

Од прилика 93.500 луѓе, претежно од земјите под Сахара и Бангладеш, пристигнаа преку вода во јужна Италија до 16 јули, што е пораст од 17% за истиот период од минатата година, според нивното министерство за внатрешни работи. Бројот на смртни случаи е 2.207, мал пад во однос на минатата година.