Италија, САД и Германија со најмногу нови случаи на Ковид – 19, скоро 280.000 заболени и 92.000 оздравени на светско ниво

Според интернет страницата worldometers.info, утрово бројката на вкупно заразени со коронавирусот Ковид-19 на светско ниво се искачи на нешто преку 277 илјади лица, од кои скоро 174.000 луѓе се заболени во моментов, 92.000 се целосно заздравени од вирусот, додека нешто над 11.400 лица починале од болеста.

Во текот на изминатото деноноќие ситуацијата во Италија и понатаму останува меѓу најпогодените, каде биле пријавени скоро 6.000 нови случаи и 627 нови жртви од вирусот.

Соединетите Американски Држави се втората најпогодена земја во моментов, претходните 24 часа таму се регистрирани скоро 5.600 нови заболени и 49 починати од Ковид – 19. Дури една петтина од Американците имаат наредба да останат во изолација, откако повеќе сојузни држави, меѓу кои жителите на Калифорнија, Њу Џерси, Конектикат и Илиноис, добија наредба да не ги напуштаат своите домови.

Германија е третата најпогодена држава претходново деноноќие, со преку 4.500 нови случаи на заболени и 24 починати од вирусот.

Претходниов ден, покрај Италија, најмногу починати имало во Шпанија – 262 и Иран – 149 лица.