Италија за три месеци ќе изгради дрвени куќи за 2500 настрадани во земјотресот

Италија планира да изгради едноставни дрвени куќарки во рок од три месеци, за 2500 лица кои останаа без дом после земјотресот кој се случи на 24 август.

Италијанските медиуми пренесуваат дека градбите, какви се користеле после разорниот земјотрес во 2009 година, се попрактични од шаторите, кои се користат во моментов.

Премиерот на Италија Матео Ренѕи дискутирал за плановите за реконструкција во неделата со Ренѕо Пиано, еден од најпознатите архитекти во земјата.

Властите се соочуваат со предизвиците на обезбедување на топло и комфорно сместување за погодените лица преку зимата, која е многу ладна во погодениот регион, во близина на Апенините.

И покрај камповите со шатори, некои од преживеаните претпочитаат да спијат во своите автомобили, близу до срушените куќи, поради страв дека крадци може да ги украдат нивните предмети кои останале во урнатините.

Дрвените куќи ќе имаат една или две спални соби, кујна и бања, а чинат околу 1400 евра на метар квадратен. Мала куќарка од 40 метри квадратни чини околу 55000 евра.