Италија го менува законот – супермаркетите да ја донираат непродадената храна

Во Италија се очекува да помине законот со кој супермаркетите ќе мора да ја донираат непродадената храна за добротворни цели. Италија ќе стане втората европска земја со таков закон, откако Франција го направи тоа.

Предлог-законот стекна широка поддршка од сите партии и се очекува да помине во Долниот дом на парламентот, во понеделник, пред конечно да се гласа во Сенатот.

За разлика од Франција, која ги казнува супермаркетите што ја трошат храната, Италија сака да ги стимулира бизнисите да донираат храна и да помогнат на државата да го реши проблемот со отпадот.

Во моментов, италијанските барови, ресторани или самопослуги кои сакаат да донираат храна, мора претходно да се пријават. За возврат, со новиот закон ќе им се намалат даноците, во зависност од тоа колку бизнисите придонеле во добротворни цели. Покрај тоа, 17 членови во предлог-законот се однесуваат на измена на регулативата за безбедност на храната, дозволувајќи им на фирмите да донираат храна и по истекување на рокот.

Во изминативе години, намалувањето на отпадот од храна се актуелизираше низ Европа. Неодамна во Данска, се отвори првиот супермаркет со отпадоци од храна, во кој се продава непродадената храна што ја донираат други супермаркети и фирми.