Истражување: Жените молчат за сексуалното вознемирување на работно место

Сексуалното вознемирување на жените на работното место и дискриминацијата при вработување се сериозни проблеми кои ја попречуваат активноста на жените на пазарот на трудот, беше заклучено на тркалезната маса „Економските можности за жените на локално ниво“.

Во исто време, сексуалното вознемирување на жените на работно место и при вработување е проблем кој не се третира и за којшто не се зборува. Поради ова, многу често жените – жртви не ги пријавуваат ваквите случаи, плашејќи се од губење на работното место, осуда од најблиските и срам, покажува истражувањето „Состојбите со родовата еднаквост на пазарот на трудот и достоинството, интегритетот и родово заснованото насилство во Полошкиот регион“.

Истражувањето на Акција Здруженска, спроведено од Институтот за општествени и хуманистички науки од Скопје нотира дека постоечките мерки за вработување не допираат до жените и не се прилагодени на нивните спефицични потреби.  Загрижува и податокот што во последните години се зголемува бројот на економски неактивни жени, а економската подреденост ги става жените во неповолна позиција на жртви на дискриминација. Сексуалното малтретирање постои и во јавниот и во приватниот сектор, стои во соопштението за настанот.

Проектот се реализира во партнерство со Косовскиот центар за родови студии Приштина и Центарот за советување и поддршка на жените Дора Дорс Призрен, а е финансиски поддржан од Европската Унија.