Истражување за Западен Балкан: Дигитализацијата не зазема голем дел од административните промени

„Дигитализацијата не зазема голем дел од административните промени. Владите треба да воспостават портали кои ќе нудат е-услуги на едно место. Најефиксана имплементација на е-услуги има за бизнис секторот, но потребно е уште повеќе. Исто така, нема завршница на некои од нив, бидејќи во еден момент граѓанинот се препраќа на шалтер, односно на традиционален начин на прибирање на податоци“ вели Миша Бојовиќ – виш истражувач во ЦРТА, којa презентираше заклучоците на регионалното истражување „Опсерваторија за Дигиталната агенда: Истражување на основната состојба за развој на е-влада и дигиталната писменост во целните земји од Западен Балкан 2020 година“,

Истражувањето беше презентирано на регионалниот онлајн настан „Регионални дијалози за Дигиталната агенда“. Целта е да се обезбеди регионална перстпектива и појдовна точка за понатамошно мерење на напредокот во овие области во однос на Дигиталната агенда, како и да се обезбедат дополнителни препораки за подобрување.

Настанот беше на Фондација Метаморфозис во партнерство со Левизја МЈАФТ (Албанија), Отворени податоци Косово (Косово), НВО 35 ММ (Црна Гора) и ЦРТА – Центар за истражување, транспарентност и отчетност (Србија), во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“.

Бардил Јашари – извршен директор на Фондација Метаморфозис, нагласи дека дигиталната трансформација и Интернетот придонесуваат кон економскиот развој и иновациите на глобално, регионално и локално ниво.

Но дека во реалноста, а тоа е потврдено и со истражувањето на ИЦЕДА, дека не сите граѓани од сите сфери на општеството се свесни или ги чувствуваат придобивките од дигиталната трансформација, која како краен резултат би требало да обезбеди подобрување на нивниот животен стил.

Според Бејовиќ од ЦРТА, напорите за обезбедување на широкопојасен интернет до сите граѓани на регионот на Западен Балкан се препознаваат, меѓутоа, земјите треба да бидат повнимателни во ажурирањето на нивните стратешки и регулаторни документи.

„Земјите доцнат со усогласување на правните акти, а уште повеќе доцнат со спроведувањето на иновациите. Имајќи ја предвид природата на процесот на дигитализација, тој треба да ги следи барањата на пазарот, во спротивно би останал застарен и прескап“, е еден од наодите во истражувањето.

Понатаму, овие напори треба да бидат надополнети со амбициозна кампања за подигнување на свеста на граѓаните за придобивките од дигитализацијата.

Бидејќи, сите земји во моментот доживуваат политичка нестабилност и се соочуваат со избори оваа година, придружени со пандемиска криза, се појавува стравот од забавување на напредокот во заложбата за спроведување на Дигиталната агенда.

Доколку новите влади одлучат ова да не го стават на списокот на приоритети, нагласи Бојовиќ, прекинувањето на процесот значително ќе влијае на неговите резултати.

„Дигитализацијата на услугите во регионот на Западен Балкан е претежно водена од финансиски аспект, а повеќето обезбедени електронски услуги (е-услуги) се наменети за деловниот сектор. Владите треба да се поттикнат за тие да ги дефинираат своите критериуми за воведување услуги за е-влада засновани на потребите на граѓаните. Паралелно со ова, треба да се вложат повеќе напори во едукација на граѓаните чија дигитална писменост во моментов е мала, за да се овозможи разбирање на придобивките од дигитализацијата“, стои како еден од заклучоците.

Исто така, дигитализацијата е составен дел од реформата на јавната администрација. Тоа директно влијае на ефикасноста на администрацијата и заштедите на буџетот.

„Најголемиот потфат за сите земји е интероперабилноста на сите бази на податоци што ги имаат различните владини институции. Откако ќе заврши овој процес, граѓаните ќе можат да добијат каква било административна услуга со едноставно започнување на онлајн постапка, додека остатокот од процесот е автоматизиран. Досега, владите нудат делумни решенија, со поголем или помал успех, додека пак некои делови од постапката се потпираат на традиционалната јавна администрација“, нагласи Бојовиќ.

Дополнително, отпорот на дигитализацијата во еден дел доаѓа од воспоставувањето на јавни службеници. Реформата подразбира промена на нивната долгорочна рутина, потреба за образование, промена на процедури, прилагодување кон новите технологии и сл.

Постои генерациски јаз во навикнувањето на е-технологии и она што е неизбежно нормално и лесно за помладите генерации останува тешко за оние кои се запознале со технологијата во поодминати години.

„Имајќи предвид дека сите земји од Западен Балкан се стремат кон членство во Европската Унија и сè уште треба да се усогласат со стандардите на ЕУ во однос на демократијата и владеењето на правото, Дигиталната агенда останува еден од сегментите на кои треба да се работи“, констатирано е во истражувањето.

Согласно со наодите од истражувањето беше претставен и патоказот, односно листа на 18 препораки за подобрување во приоритетните области што заеднички даваат патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во регионот, достапни во истражувањето.

Од Метаморфозис нагласуваат дека заклучоците од дискусијата на настанот – во голема мера се поклопуваа со заклучоците и препораките од регионалното истражување.

Имено, велат тие, целта на дигитализацијата е да ги поедностави процесите и да го подобри животот на граѓаните, a ковид-19 пандемијата уште повеќе ја потенцираше важноста и потребата од дигатилизација на институционалните услуги, нивното поедноставување, како и описменување на граѓаните за онлајн користење на тие услуги, наместо традиционално чекање на шалтери.

„Секако, мора да бидеме свесни дека кога се воведуваат иновации и дигитални решенија, треба да се има на ум дека е потребно обезбедување на одржливост и сигурност на истите, како и нивно решавање преку системски пристап. Понатаму, потребно е институциите од регионот да ги постават на едно место сите е-услуги и истите да ги направат целосно дигитални, од моментот на аплицирање до моментот на добивање на услугата. Подигање на колективната свест за придобивките од дигитализацијата на целото население беше исто така еден од општите заклучоци, кое претстои како предизвик за наредниот период“, соопштува Метаморфозис.