Истражување: Судовите не се пристапни за лицата со попреченост

„Пет од десет судови во Р.Македонија немаат лифтови кои би можеле да бидат користени од лицата со попреченост, а во три од нив лифтовите не се функционални за користење“, забележува истражувањето на Коалицијата „Сите за правично судење“.

Првичните резултати од истражувањето покажале дека сите категории на лица со попреченост се соочуваат со потешкотии во поглед на пристапноста до суд и до правда, со што им е ограничено правото на фер и правично судење под еднакви услови како за сите согласно со законите и меѓународните прописи.

„Сите десет судови кои се предмет на ова истражување се наоѓаат во објекти во кои можат да пристапат лица кои се движат со помош на инвалидска количка. Пет од судовите (Струга, Охрид, Скопје 2, Прилеп и Струмица) се сместени во објекти каде нема потреба од пристапни рампи (влезот во истите е на едно ниво), додека останатите пет судови (Велес, Битола, Гостивар, Тетово и Штип) имаат изградено пристапни рампи за влез во објектите. Иако зградите на судовите се пристапни од надвор, три од судовите, (ОС Скопје 2, ОС Струга и ОС Струмица) немаат судници на приземјето, додека во два од судовите, (ОС Гостивар и ОС Охрид) на приземјето има само една судница која се користи само за конкретна намена- судења за прекршоци“, покажува истражувањето.

На ова се надоврзува фактот дека само два од судовите (ОС Струга и ОС Битола) имаат лифтови за пристап до катовите на објектот, додека пак три од судовите, (ОС Скопје 2, ОС Гостивар и ОС Охрид) иако имаат лифтови, тие не се функционални, дополнуваат од Коалицијата.

Нивното истражување забележало дека во сите од судовите постојат ознаки за полесно движење и навигација на странките низ објектите, па така судниците во сите судови се нумерирани и има насоки каде со наоѓаат, со тоа што во Основниот суд Прилеп овие информации се достапни само во холот на приземјето од објектот.

„Сепак, ниту еден од судовите нема ознаки на Браилово писмо, ниту пак тактилни ленти за слободно и самостојно движење и навигација на лица со оштетен вид низ судовите. Поради тоа, иако објектите на судовите се пристапни од надвор, речиси половината од судовите предмет на ова истражување немаат соодветен пристап до своите простории и услуги за лица кои се движат со помош на инвалидска количка, ниту пак имаат соодветни услови за движење низ самите објекти. Поточно два од судовите немаат судници до кои можат да пристапат лица кои се движат со помош на количка, а два од судовите имаат само по една судница со ограничена намена“, стои во извештајот на Коалицијата.

Оттаму велат дека судовите располагаат со места за седење во просторот определен за чекање, како и со тоалети (кои не се функционални во ОС Скопје 2), додека пак истите не се приспособени за користење од страна на лица со посебни потреби во ниту еден од судовите. Дополнително, во поглед на пристапноста на судовите и услугите кои ги пружаат на граѓаните, вработените во судовите, со исклучок на припадниците на судската полиција и судиите, немаат легитимации, униформи или било какви ознаки со кои граѓаните можат да ги препознаваат судските службеници.

„Само три суда (ОС Скопје 2, ОС Прилеп и ОС Струга) имаат вработено лица кои би можеле да помогнат на лица со попреченост. Она што е впечатливо е тоа што лицето задолжено за помош на лица со попреченост е едно лице кое е задолжено за сите категории на лица со попреченост, што ја става под знак прашалник практичната функционалност на ваквата помош која им се пружа на лицата со попреченост од службеното лице“, стои во извештајот.

Од Коалицијата посочуваат дека Основниот суд Скопје 2 е единствениот во кој постои регистар на овластени судски толкувачи од и на знаковен јазик, кој располага со 3 толкувачи на знаковен јазик.

„Ниту еден од судовите нема услови да овозможи препис на документи на Браилово писмо. Првичните резултати од истражувањето покажуваат дека сите категории на лица со попреченост се соочуваат со потешкотии во поглед на пристапноста до суд и до правда, со што им е ограничено правото на фер и правично судење под еднакви услови како за сите согласно со законите и меѓународните прописи“, велат од Коалицијата.

Тие посочуваат дека судовите треба да ги имаат предвид различните заложби кои треба да ги направат со цел да овозможат ефективна примена на правото на фер судење, како и на пристапноста до правда од страна на сите граѓани.