Истражување потврди дека сиромашните луѓе се посклони да делат и меѓусебно да си помагаат

Луѓето се поспремни да им помогнат на другите кога се наоѓаат во сиромашна, отколку во богата средина, покажува истражување на научници од Универзитетот во Бирмингем. Студијата, објавена во списанието Nature Communications, ги сумира резултатите од три истражувања со повеќе од 500 испитаници, во соработка со експерти од Универзитетот во Оксфорд и Универзитетот на Источна Англија, пренесува EurekAlert.

Според авторите, клучниот фактор што влијае врз одлуката дали некој ќе помогне не е само личниот карактер, туку контекстот и средината во која се наоѓа. „Секојдневните околности можат значително да влијаат врз тоа дали луѓето ќе го прекинат она што го прават за да му помогнат на некого“, вели д-р Тод Фогер, прв автор на трудот.

Во експериментот, учесниците гледале видео, а потоа добивале можност да му помогнат на анонимен човек преку доделување парични кредити, што барало физички напор – стискање рачен тренажер или извршување повеќе кликови. Тие биле ставени во симулирани „сиромашни“ и „богати“ средини. Во сиромашната средина почесто се нуделе мали и неизвесни награди, додека во богатата – поголеми и посигурни.

Резултатите покажале дека испитаниците во сиромашна средина почесто се одлучувале да помогнат. Професорката Патриша Локвуд вели дека ова укажува оти средината има силно влијание врз великодушноста и дека промената на контекстот може да поттикне поголема подготвеност за помош, што отвора можности за понатамошни истражувања кај различни групи во општеството.

Извор: EurekAlert! / Freepik