Истражување покажа дека домородните Австралијци се најстарата цивилизација на Земјата

Опширно истражување со ДНК анализи го потврди она во што домородните Австралијци и жителите на островот Торес Стрејт веруваа –  дека се најстарата жива цивилизација на планетата.

„Знаеме дека сме овде отсекогаш, но и западната наука полека го дознава тоа“, вели објава на Фејсбук од Суверената унија, организација за заштита на правата на домородните Австралијци, водена од активистот Гилар Мајкл Андерсон.

Постоењето на Абориџините на Земјата трае околу 50000 години, според ново научно истражување објавено во дневникот Nature. Водено од професорот Еске Вилерслев од Универзитетот Кембриџ, во соработка со повеќе старци од домородните племиња, истражувачкиот тим го секвенцирал геномот на 83 домородни Австралијци (од групи кои опфаќаат 90 проценти од земјената маса на Австралија) и 25 Папуанци.

Значајно е што резултатите исто така покажуваат дека домородните претци мигрирале од Африка пред 72000 години како дел од „единствена миграција“ на првите луѓе на светот.

Откритијата сузбиваат неколку претходни теории. Меѓу нив е и идејата (која често го поништуваше суверенитетот на Првите Нации) дека домородните Австралијци можеби и не биле првата група која ја населила Австралија, и дека современите луѓе дошле до Австралија преку неколку миграции. Според тоа, поврзаноста на домородците на таа земја не би била толку стара колку што се мислело.

Истражувањето покажува и голем диверзитет во генетскиот состав на домородните нации, меѓу западниот и источниот дел на континентот.