Истражување: Парламенти со изминат мандат и непознати правобранители ги „бранат“ студентските интереси

Во статутите на сите пет државни универзитети е предвиден Студентски правобранител, но освен кај Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во останатите нема информации дали навистина функционираат.

Само студентскиот правобранител на УКИМ може да се пофали со редовен избор, со конкретен акт за работа, со веб-страница и сопствени простории. Она што ги поврзува сите правобранители е нивната зависност од Студентскиот парламент, додека сите Парламенти ги поврзува истечениот мандат.

Ова се заклучоците од најновите публикации на Младинскиот образовен форум, кој синоќа преку дискусија беа промовирани.

Според студентот Ѓорѓи Рајчиноски, еден од авторите на истражувањето, студентите на државните универзитети не се запознаени со функциите на Студентскиот правобранител, а оние кои знаат што е тоа, не се воопшто задоволни и имаат ниско ниво на доверба за неговата работа.

Почетоците на оваа функција, која кај нас сега ја врши студент, се појавува во 60-те и 70-те години во Канада, а по дваесетина години и во Шпанија. Во Македонија, улогата студентскиот правобранител е уредена на национално ниво, но законот не дефенира кој може да ја извршува оваа функција. Па така, прв на оваа функција настапува професорот и поранешен веде декан на Правниот факултет Борче Давитковски.

Рајчиноски истакна дека Студентскиот правобранител на УКИМ го избира Студентскиот парламент, а Сенатот само го усвојува. Според него, најспецифични уредувања имаат Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Битолскиот Универзитет го има најутопискиот систем на уредување, вели Рајчиноски. Студентскиот правобранител на УКЛО е орган во склоп на самиот Студентскиот парламент, а може да се разреши со двотретинско мнозинство од вкупниот број на делегати.

„Проблем е и што нема информации за работата.  Универзитетот мора да обезбеди контакт, и со студентскиот правобранител и со студентскиот парламент. На овој Универзитет не е познато дали постои студентски правобранител. 60 отсто од студентите на УКЛО не знаат дали има кај нив ваква позиција“, рече Рајчиноски.

Универзитет за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле – Охрид, пак, е приказна сама за себе, смета овој студент.

„Финансирањето е предвидено од Советот за развој и финансирање за високото образование, што претставува орган кој е нефункционален од 2006 година“, појасни Рајчиноски.

Идентична ситуација има и кај Универзитетите „Гоце Делчев“ во Штип и Државниот Универзитет во Тетово.

Сепак, покрај овие, постојат уште неколку правни механизми за заштита на правата на студентите како што се: Комисија за студентски жалби, освен на ДУТ каде не е предвидена, Државен просветен инспекторат, Народен правобранител, Државна комисија за заштита и спречување на дискриминација и Дирекција за заштита на лични податоци.

Кои се надлежностите на Студентскиот правобранител?

За професорката од Правниот факултет во Скопје, Ана Павлова Данева, која е втор студентски правобранител во историјата на УКИМ, ова е функција која може да служи само како медијатор помеѓу студентите и професорите.

„Студентскиот правобранител треба да постои со цел да им помогне на студентите полесно да ги остварат своите права, а при тоа не зборува за незаконито постапување на професорите, или на органите на факултетот“, објасни таа во свето излагање.

Според неа, студентите не знаат кои се надлежностите на нивниот правобранител, па го контактираат дури во ситуација кога се незадодоволни од оценката, или висината на школарината. Во нејзино време, вели таа, студентите најмногу се жалеле за неефикасното работење на студентските прашања.

„Студентскиот правобранител реално е едно ништо, ние имаме формално сè, и закон и статут, но каде се годишните извештаи кој секој правобранител мора да го има за да видиме што се случувало?“, праша Павлова Данева.

Сепак, како што вели, Студентскиот правобранител е тотално маргинализирана институција, а вината за тоа ја посочува кај студентите.

На ова се надоврза и Маја Вељанова, поранешен заменик студентски правобранител на Правен факултет, која рече дека за време на нејзиниот едногодишен мандат пристигнале 12 претставки.

„Студентите не се запознаени со прекршувањата на студентските права. Како на пример, студентите на Техничките факултети имаа обврска да купат учебник. Во книжарницата на факултетот имаше список на кои тие се запишуваа и потоа тој список го добива професорка која врз основа на тоа пушта студент да оди на испит“, раскажа Вељанова.

Случајот се пријавил до Просветниот инспекторат и тој покренал дисциплинска одговорност против професорката.

Таа нагласи дека во такви случаи, Студентскиот правобранител нема моќ да се вмеша, но може да извести одредена надлежна институција.

Весела Ацоска од Канцеларијата на Народниот правобранител вели дека за овие дваесет години оваа институција се уште е маргинализирана, па дури и на национално ниво.

„Таа не успева поради други проблеми во државата, не успева поради власта, не успева бидејќи треба да биде механизам на власта, а во никој случај не е“, нагласи таа.

Студентски парламенти со дипломирани претседатели

Сликата не е ништо подобра ниту кај Студентските парламенти кои почнуваат да делуваат од 1998 година, првично како Студентски сојуз. Денес, од вкупно 23 факултети на УКИМ, само во три Студентскиот парламент е активен. Сепак, и кај нив, интерните акти имаат спорни моменти, смета студентата Деа Здравковска, една од истражувачите.

Таа нагласи дека, иако оформен уште пред речиси две години, се уште не е признаен Студентскиот парламент на Факултетот за драмски уметноста, додека на Природно-математичкиот факултет, Парламентот не се пререгистрирал уште од 2004 година, така што практично и не постои, иако учествува во Наставно-научниот совет и Деканатската управа.

„Додека не ги извадивме документите од Централен регистар, ние не можевме да знаеме точно кои се студентските претставници на факултетите и кои се оние студенти што ги претставуваат и ги бранат интересите на студентите“, подвлече таа.

Според досегашните статути, Парламентите мора да имаат најмалку една седница, но реалноста како што посочи Здравковска, е дека од 2004 ниту еден факултет немал одржана повеќе од една седница, односно само кога се пренесувале мандатите.

Заедно со студентот Петар Барлаковски потсетија на последниот финансиски извештај на СПУКМ кој покажа дека неодговорно се трошат студентски пари на сметки за телефон и забави, додека долгот за струја расте.

За професорката и сенаторка Маја Стевановиќ, формалното студентско организирање е катастрофално.

„Мислам дека никој од нас не знаеше колку е катастрофално кога се изврши притисокот пред изборот на ректор, кога се провери легитимноста на студентските претставници кои требаа да гласаат и кога се извадија документите од Централен регистар и сфативме декасамо еден или два факултети имаат легални претставници“.

Како претставник на Студентскиот парламент од Фармацевскиот факултет зборуваше студентката Софија Гичева, која напомена дека веќе со месеци функционираат со дипломиран претседател, иако главното правило вели дека тој мора да има статус на студент.

„До пред седум години, Студентскиот парламент не покажуваше никакви активности. После тоа почнаа да се организираат семинари, кампањи, хуманитарни акции и проекти на терен“,рече таа.

Според неа, 45 отсто од студентите на Фармација излегле на референдум, а од нив 96 отсто гласале за студентска организација што ќе одговара за своите постапки.

„Моите колеги ниту знаат кој е во Студентскиот парламент, ниту во Научно-наставниот совет, ниту пак, за што ние гласаме“, рече таа.

Во малку поинаква форма, но доста активни, дејствуваат и студентите на Факултетот за ликовна уметност. Студентот Игор Танески вели дека две години по студентските маршеви и протести имало група на млади со идеи за проекти. Тие се решиле да направат посебна организација, која без финансии, освен од спонзори, досега реализирала повеќе настани.