Истражување: Од 2015-2018 година повеќе од пола амбасадори се политички поставени

Од 2015 до 2018 година, процентот на политички назначените амбасадори е повеќе од половина од вкупниот број на пополнетите амбасадорски позиции. Само во 2019 година, процентот на професионалните амбасадори е над 50 %, но во ситуација кога скоро половина од амбасадорските места се сѐ уште непополнети.

Ова е еден од заклучоците на публикацијата „#МКДипломатија: кон професионални дипломатска мрежа на следниов линк“, чиј издавач е Институтот „ЧЛЕН 1“.

Автори на истражувањето се Лазар Поп Иванов, Љупчо Стојковски, Марија Мирчевска и Стефан Ристовски, кои заклучуваат дека пред првпат да бидат назначени на позицијата, професионалните амбасадори во просек поминуваат 16 години и 2 месеци работејќи во Министерството за надворешни работи.

„Дополнително, пред првпат да бидат назначени на амбасадорска позиција, професионалните амбасадори во просек веќе имаат служено во скоро две други мисии“, стои во документот на „ЧЛЕН 1“.

Понатаму, тимот истражувачи утврдил дека должината на работното искуство кај професионалните амбасадори мажи пред нивното прво назначување за амбасадор е просечно 14 години и 9 месеци, додека, пак, кај жените – 21 година.

„Како општество кое тврди дека верува и сака да го застапува системот на заслуги во кариерниот напредок, треба да го наградиме работното искуство и да создадеме законска регулатива која ќе овозможува професионалните кадри да се мнозинство во дипломатската мрежа“, велат од „ЧЛЕН 1“ за Радио МОФ.

Исто така, во периодот од 2015 до март 2019 година, не е извршена поединечна евалуација со која се оценува работата на шефовите на дипломатските претставништва.

„Оваа евалуација е предвидена да се спроведе еднаш годишно во првиот квартал од тековната за претходната година, според член 48 а од Законот за надворешни работи“, стои во заклучокот на Институтот.

Тимот заклучува и дека Министерството за надворешни работи нема подзаконски акти или, пак, утврдени процеси со кои се спроведува принципот на правична застапеност и еднакви можности.

Сооднос на професионални наспроти политички назначени амбасадори

Начинот на којшто моменталниот закон го утврдува соодносот на професионални наспроти политички назначени амбасадори е уреден во член 35.

Истражувањето, базирано врз податоците што тимот ги добил од државните институции, покажува дека од вкупниот број пополнети амбасадорски места, во 2015 сме имале 42% професионални дипломати, во 2016 – 43 %, а наредната 2018 година – 42 %.

Oд публикацијата на „ЧЛЕН 1“ – #МКДипломатија: кон професионални дипломатска мрежа

Лани (2018) биле 47% од 43 позиции, додека во март 2019 имаме 71% професионални допломати, односно 17 од вкупно 24 пополнети амбасадорски позиции.

Според податоците од годинава, „ЧЛЕН 1“ вели дека може да забележат поместување во политиката на МНР кон назначување професионални дипломати.

„Се надеваме дека оваа политика ќе продолжи и понатаму и дека преостанатите испразнети амбасадорски места ќе бидат пополнети со дипломати од кариера. Ние би сугерирале дека ова поместување треба да се преточи и во законска регулатива, за да не зависи од моменталната констелација на политичките сили“, велат од „ЧЛЕН 1“.

Дополнително, соопштија од Институтот, Министерството за надворешни работи им доставило документи во кои класифицира дел од амбасадорите како професионални, но според нивните биографии е тешко да се утврди како е пристигнато до тој заклучок.

Инаку, предмет на анализа на ова истражување беа 50 амбасади, кои се составен дел од македонската дипломатска мрежа, и 64 амбасадори, кои служеле во тие амбасади во периодот од 2015 до март 2019.

Проектот е финасиски поддржан од  програмата „Правна помош и поддршка за зајакнување на капцитетите за застапување и одржливост на граѓански организации“, имплементирана од Македонското здружение на млади правници, Данскиот совет за бегалци, Фондацијата за развој на локалната заедница Штип и Коалицијата сите за правично судење, финансирана од Европска Унија.

 

Бојан Шашевски