Истражување: Националните шуми се уништуваат преку организиран криминал што доаѓа и од институциите

Организирани форми на криминал ги опустошуваат македонските шуми. Проблемот е повеќеслоен, вклучувајќи помош и од вработени од институциите за нелегалната сеча, се мешаат надлежности за еколошкиот криминал, службите немаат капацитет и опрема да делуваат, се случуваат „матни“ истраги, а тука се и социо-економските услови што ги тераат граѓаните да се греат или препродаваат дрва, со што ги унишуваат шумите. Со ова, се нанесува штета на природните ресурси, страда економија во државата, страдаат граѓаните и институциите, а се богатат разни организирани криминални групи.  

Ова се дел од заклучоците на конференцијата „Отпорни граѓани – безбедни шуми”, организирана од „Евротинк“, кои презентираа наоди од опсежно истражување за дивата сеча во Македонија, а беа изнесени и разни ставови и податоци за т.н. шумски криминал и како државата (да) се справува со него.

Во периодот од 2001-2019 година, според Global Forest Watch, податоците покажуваат дека во државата се изгубени околу 38.600 хектари на шума – шумска површина.

Александра Даниловска, истражувачка во „Евротинк“, нагласува дека бројките автоматски не значат нелегална сеча. Од друга страна, официјалните податоци за нелегалната сеча од Државниот завод за статистика, покажуваат дека во последните 10 години (2010-2019 година) е причинета штата од вкупно 245.118 метри кубни дрва.

Извор: Презентација на „Евротинк“

„Но, многумина се скептични за овие податоци и бројки, бидејќи се смета дека, всушност, реалната ситуација е многу поголема“, нагласи таа.

Според нивните истражувања, шумската полиција има поднесено вкупно 43.120 кривични пријави за нелегална сеча (од 2010-2020), а има запленето повеќе од 26.000 метри кубни дрвна маса во последните 10 години.

Извор: Презентација на „Евротинк“

„Понатаму, во рамки на координираната акција ‘Гора’ се поднесени вкупно 13.334 кривични пријави. Исто така, се проценува дека е причинета штета од повеќе од 335 милиони денари. Со ова се укажува дека состојбата со нелегалната сеча е широко распространета и има сериозни импликации. Меѓутоа, овие кривични дела не се случуваат во вакум. Односно, не се изолирани и се пропратени со дузина кривични дела како корупција, злоупотреба на службена должност, примање мито, изнуда, кражба, фалсификување, перење на пари итн“, нагласи Даниловска.

Извор: Презентација на „Евротинк“

Сиромаштија, лошо владеење и премин на „другата страна“ од законот

Според Даниловска, се смета дека причините за нелегалната сеча произлегуваат од струкурни фактори, втемелени во нашата држава. Односно, сиромаштија, лошо владеење, ослабнати институции, недостаток на кадар, опрема на надлежните субјекти.

„Исто така и оние што треба всушност да ги заштитат шумите, шумочуварите, шумската полиција, припадниците на МВР. Честопати сторителите на овие дела се насилни кон полицијата и локалното население, а обичено шумската полиција и шумочуварите не се доволно опремени и не можат да одговорат на овие закани“, вели таа.

Извор: Презентација на „Евротинк“

Дрвокрадците често користат и огнено оружје. При чување на шумите, вели таа, во Македонија тројца го имаат загубено животот на службена должност.

„Мислам дека најнов случај беше во септември, кога петмина припадници на МВР беа тешко повредени од  дрвокрадци. Како причини се наведуваат и ниските плати, лошите работни услови кои допринесуваат припадниците на институциите да преминат на ‘другата страна’. Ги прави лесно ранливи да подлегнат на корупција, да извршат злоупотреба на должност, како и да соучествуваат во делата. Според мои сознанија, се работи за некаде 300 евра плата на шумската полиција, додека комерцијалната вредност на дрвото е 40 евра по метар кубен (просторен)“, потенцираше таа.

Модели на организиран криминал во илегалната сеча

Истражувачите од „Евротинк“ успеале да мапираат осум „жешки“ каде најмногу се сече. Тоа се Кичево, Куманово, Струга, Битола, Тетово, Скопје, Берово и Пехчево, и Гостивар.

„Жариште“ – Кичево, извор: презентација на „Евротинк“

Исто така, мапирале и шест форми на организиран криминал со нелегалната сеча. Првата е „организацијата“, односно, хиерархиски организирани криминални групи, кои функционираат повеќеслојно, со лидер што ги координира подолните нивоа.

„Наликуваат на онаа школска организирана криминална пирамида, каде профитираат голем број луѓе“, рече Иван Стефановски, директорот на „Евротинк“.

Втората форма ја нарекле „институционализираните“. Тоа, според него, се вработени во државните институции, со пристап до ресурсите, меѓутоа го манипулираат внатрешниот систем на организацијата.

„На пример, во процесот на маркирање шуми, кажување кои дрва да се сечат или да не се сечат. Всушност, тоа е внатрешна порозност на државните институции, навистина тешко да се контролира и отстрани. Токму тука е предизвикот. Треба да се обрне внимание на внатрешните структури, на внатрешната контрола. Тука предничат националното претпријатие ‘Национални шуми’, тука е шумската полиција и МВР“, нагласи тој.

„Жариште“ – Битола, извор: презентација на „Евротинк“

Третата и можеби најбенигна форма на организиран криминал ја нарекле „кражба за опстанок“. Претежно станува збор за население од руралните планински делови, луѓе кои со децении се послужуваат со шумата. Тука се и нивните предци, родители, дедовци… Сите тие се греат, односно прибавуваат дрвна маса, вели Стефановски, без притоа да платат за дрвата од шумата.

„Целата социоекономска состојба ги тера овие луѓе да прибегнат кон дополнително сечење и собирање на дрва, надвор од она што им е потребно за нивните дневни потреби. И да препродаваат на нивни соседи, дали во истите или соседни планински села, а за тоа да остварат некаков минимален приход и преживеат“, вели тој.

Четвртиот модел се „препродавачите“, или т.н „втора рака“. Недостатокот на огревна дрвна маса се компензира на начин што, вели тој, нелегално исечените дрва понатаму треба да се дистрибуира до крајните корисници, односно до граѓаните ширум државата.

„Жариште“ – Тетово, извор: презентација на „Евротинк“

Нагласува, огромен дел од населението има потреба од дрва, а, всушност, продаваат легален и прифатен продукт прифатен на нелегален начин. Оној што не успеал да набави навреме, оној што мисли дека ќе го добие дрвото по поевтина цена, или со подобар или полош квалитет – често го напушта системот.

„Нашите наоди покажаа дека многу често, крајните корисници се измамени. Мислејќи дека добиваат повеќе, или подобар квалитет на дрво, всушност добиваат помалку, бидејќи немаат начин да измерат што им носат организираните групи препродавачи“, вели тој, нагласувајќи дека препродавачите често одат до локалното население и велат „не нарачувајте дрва од ‘Национални шуми’, резервите им се потрошени, туку земете од нас“.

„Следниот модел се ‘урбаните сечачи’. Тука станува збор за многу провизорно, често без правна основа – сечење на урбаното зеленило. Едни од поизразените средини се Скопје, Гостивар, Тетово и Струга. Многу често, под изговор дека ‘граѓаните бараат да се исече едно или низа дрва’, јавните институции сечат, а еко-активистите реагираат дека не се знае каде завршува дрвото“, потенцира Стефановски.

„Жариште“ – Скопје, извор: презентација на „Евротинк“

Шестата група се т.н „инсајдери“. И ова, вели тој, е поврзано со ЈП „Национални шуми“. Поради поставеноста како институција, голем дел од услугите ги добива на јавни тендери, каде се пријавуваат економски оператори, кои сечат во име на „Национални шуми“.

„Многу често операторите излегуваат од договорите со претријатието. Многу често сечат на парцели до тие што им се маркирани, сечат необележани дрва. Мораме да ги затегнеме внатрешните контроли, за подобар надзор кон сечачите“, апелираше тој.

„Во Македонија 71%  се греат на дрва, мораме да се префрламе и на други енергенси“

Саша Јовановиќ од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) потврди дека целата оваа дејност е организиран криминал, а според негови сознанија се вклучени голем број извршители. Од сечачи, оние што ја транспортираат, продаваат дрвната маса и луѓето што се „газди“.

При дискусијата, потврдува дека дел од населението краде за да ги задоволи сопствени потреби за греење. Македонија, нагласи тој, е специфична што 71% како енергенс го користи дрвото.

„20% е струја, 8% парно греење и 1-2% е останатото. Значи, со 71% – самата побарувачка си го прави своето. Кога мапиравте ‘најгорливи точки’, тоа е околу најголемите населени места. Проблем на државата и стопанисувањето на шумите е тоа дека ние полека, земени предвид и загадувањето, треба енергенсно да се преструктурираме на други енергенси, а не на огревното дрво. Со тоа ќе се намали и самата побарувачка“, рече Јовановиќ.

Во меѓувреме, освен казнената политика, државата треба да се грижи и за контролната политика.

„Пример, треба да се постават ГПС уреди на возила, треба да функционира електронскиот систем за следење на дрвна маса, сите да имаат како во Бугарија. Со ‘црвено’ или ‘зелено’, да се пријавува или следи дрвото. Друго, стовариштата да бидат снимани и обезбедени да не се прави продажба на црно “, нагласи тој.

Исто така, Јовановиќ потенцираше дека преку акцијата „Гора“ се покажало дека, ако сака, државата може да го стави проблемот во приоритети, но, смета тој, не е во врв на приоритети.

„Акцијата ‘Гора’ да потраеше 5-6 години, тоа ќе беше веќе маргинално. Исто така, кога зборуваме за организациско делување, знаете ли дека МВР нема единица која се бави со овој вид на криминал? А, најзастапен е по број на извршители!“, забележува тој во дискусијата, додавајќи дека шумочуварската служба, тие не се овластени лица, немаат ингеренции ниту да приведат, ниту да задржат.

„Шумската полиција, пак, се 400 луѓе, од кои се 50-ина административци. Причините треба да се намалуваат, за да последиците бидат помали“, нагласи тој.

Што е со ЈП „Национални шуми“?

Берат Дехари од „Национални шуми“, рече дека во приодот 2015 до 2019 година, шумочуварската служба евидентирала околу 32.000 бесправни дејствија. Утврденое  дека диво е исечена маса од 123.000 метри кубни дрвна маса, и се одземени 6.000 метри беправно исечена дрвна маса.

Фото: „Да ја спасиме Попова Шапка“

„За сторените бесправни дејствија, шумочуварската служба поднела 3.193 пријави пред надлежните органи, од кои 490, односно околу 500 кривични пријави и 2.695 прекршочни пријави. Податоците за нарушувањето во шумите во однос на бесправното сечење и уништување на дрвјата маса се аларматни. Предизвикуваат огромни материјални штети на ‘Национални шуми’, па нашето претпријатие вложува огромни напори за борба со криминалот во шумарството“, рече тој.

Се пожали дека „Национални шуми“ се хендикепирани за разлика од шумска полиција и МВР. Пример, вели тој, нивната служба нема дозвола за управување со огнено оружје.

„Буквално нашите работници-чувари на шумите се цивили, освен со обележана униформа. Како може ние да се справуваме со масовно организиран криминал- со голи раце?“, праша Дехари.

Истражувачкиот новинар Александар Николиќ Писарев од Форум – Центар за стратешки истражувања и документација, зборувајќи за ЈП „Национални шуми“, нагласи дека претпријатието мора да претрпи сериозни трансформации.

„Во едно истражување напишав дека тоа е ‘најголема перална за пари за потребите на политичките партии’. Кратко е времето. Ако направите споредба во изборни и неизборни години, за тоа колку е сечена дрвна маса, ќе добиете јасен податок. ‘Национални шуми’ вработува 2.250 лица, според податоци за 2018 година. Во 2020 се направени нови вработувања. 75% од работата во ова претпријатие ја извршуваат надворешни економски оператори, а само 25% вработените“, забележа Николиќ Писарев.

Сеча на шума, архивска фотографија

Според истражувања Центарот за граѓански комуникација, потсети тој, нивото на транспарентност на „Национални шуми“ е 28%, што го прави „минимално транспарентно“. Додека, просечната стапка на профитабилност на „Национални шуми“ изнесува само 2,3 отсто, а во 2018 година таа е само 1 процент.

„Средствата што ги поседува протрпријатието со ваков профит, би се обновиле за неверојатни 964 години, а вложениот капитал за неверојатни 1.494 години“, нагласи тој.

Преклопување на надлежности и „матни“ истраги

Горан Трајков од Штип веќе 22 години работи во шумската полиција, уште од нејзино формирање. Тој е командир во локалната шумската полиција. Констатира дека „само ние знаеме како функционира“.

„Можам да кажам деке се справивме со дел од населението коешто ги вршеше овие бесправни сечи, останаа овие организирани криминални банди и организирана шумска мафија, како што ја нарекуваат во државата. Со неа малку потешко се справуваме, наоѓаме голема помош од МВР и ЈП ‘Национални шуми’“, вели тој.

Според него, ние сме една од ретките држави каде има преклопување на ингеренциите. И шумочуварската служба, и шумската полиција – ги имаат истите овластувања. Да интервенираат, прегледуваат, привремено да одземаат превозни средства и предмети, и да поднесуваат соодветни поднесоци до надлежните институции.

Се наврати на меѓународна операција каде, меѓу другото, учествувала МВР и шумската полиција, а извештаи биле праќани до Царинската управа. Оваа акција траела 4 недели и добиле позитивни критики од Интерпол и Светската царинска организација.

Архивска фотографија

„Тоа е последното што се случи со оваа акција и можам да дадам огромна благодарност дека конечно добивме обувки. Ова не е за пофалба, иако така беше презентирано. Но, 15 години немаме добиено ништо! Обувки добивме, а тендерот за униформи, треба да се потпише со изведувачот. Така да, до март треба да добиеме униформи. Во тек е и набавка на информатичка опрема, потпишување на колективен договор…“, нагласи тој.

Марина Малиш Саздовска, професор по еколошка криминалистика, вели дека се преклопуваат надлежности, надлежните кажуваат дека имаат луѓе, дека постои структура, но, сепак, и понатаму дејствуваат организирани криминални групи на терен.

„За поднесените кривични пријави, морам да укажам дека бројката не смееме да ја сметаме за конечна. Доколку ги анализирате статистиките од Заводот за статистика, мислам дека над 50% се отфрлаат од Обвинителството. Тука се отвора и друг проблем – каде е постапувањето на надлежните служби и органи, за кои слушнавме дека имаат и кадар, дека се обучени итн, а им се отфрлаат кривичните пријави? Веројатно, нешто во криминалистичките истраги е проблематично“, вели таа.

Како професор по еколошка криминалистика, точно ги утврдуваат начините за кривичните дела, па, не знае зошто би било проблематично да се открие дури и „непознат сторител“.

„Методиката за откривање, меѓу другото и за пустошење на шумите, е составена од три дела: начин за дознавање за постоење на кривично дело, докажување од надлежни органи и изведување на сторителот пред лицето на правдата, за да се заврши успешно судската процедура. Ако е тоа така, зошто шумската полиција би барала асистенција од МВР?“, праша Малиш Саздовска.

Истражувањето на „Евротинк“ е изработено во рамки на проектот „Спротивставување на корупцијата во животната средина на локално ниво: Откријте, анализирајте, зајакнете!”, поддржан од Глобалната иницијатива за борба против транснационален организиран криминал и Фондот за отпорност.

Бојан Шашевски