Истражување на ССНМ: Новинарите и медиумските работници стравуваат од вирусот, но и од губење на работата

Пандемијата силно ја погоди медиумската индустрија во земјава. Новинарските куќи се принудени да носат тешки одлуки: Kој ќе остане, а кој ќе си оди? Новинарите, пак, се соочуваат со финансиски, психолошки, социјални, но и етички и професионални проблеми повеќе отколку пред пандемијата. Двајца медиумски работници досега ја загубија битката со коронавирусот, што покрај стравот за економско-социјалната безбедност го зголемува нивото на страв кај медиумските професионалци кои секојдневно при извршувањето на своите редовни работни задачи се ставаат во ризик од заразување.

Ова се дел од заклучоците извлечени од истражувањето на Синдикатот на новинари и медиумски работници направено во текот на јуни на репрезентативни 150 испитаници, вработени во различни медиуми.

Дури 30% од анкетираните одговориле дека познаваат некој што останал без работа за време на корона пандемијата. Седумнаесет проценти од медиумските работници одговориле дека им била намалена платата. Помали плати пристигнале на трансакциските сметки кај дваесет и пет од анкетираните . На седуммина платата им била скратена за 30%.

Заради интервју со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски бев казнет со 15% од плата еден месец”.

„Ова е одговор на новинар кој бил казнет на своето работно место, поради сработеното. Градоначалникот излезе позитивен, па потоа негативен на коронавирусот, а новинарот заработил небулозна казна за која речиси никој и не разбра. Причините останаа непознати. Најголемиот страв на сите граѓани го делат и медиумските работници. Губењето на изворот на егзистенција. Овој шок бил приреден на четворица медиумски работници кои останале без работа во најголемиот пик на пандемијата. Промените со коронавирусот се одразија на сите полиња. Четириесет и пет проценти oд испитаниците одговориле дека им е потребна заштитна опрема и сега и во следниот период, додека 22 посто дека сопствениците не им обезбедиле заштитна опрема.  Медиумските работници се жалат и на намалување на квалитетот на животот. Дури 62% одговориле дека овој начин на работа им влијае врз менталното здравје“, стои во истражувањето на ССНМ.

Три месеци работам втора смена до 23 часот навечер за да готвам, чувам деца и да учам со нив додека дојде сопругот”, вели една новинарка.

„Новинарите се во макотрпна битка во вителот на лажните вести, се троши последниот атом енергија за да се дојде до точни и навремени информации. Најчестите одговори на испитаниците во врска со транспарентноста на институциите се дека во текот на ковид кризата голем дел од прашањата до институциите останувале неодговорениДополнително, во обид да ги заштитат граѓаните од дезинформации, ја губат силата да се изборат во сопствениот „двор”. Се наѕира канонада од тешки удари врз работничките права. Насекаде. Новинарите веќе гласно бараат помош од синдикалната организација“, нотира истражувањето на ССНМ.

Во него стои дека новинарите се соочиле со неколку проблеми, намалени плати и работнички права, цензура, битка со дезинформации, борба да се постигне во секој момент граѓаните да бидат информирани за моменталните бројки . Од вкупно 150 испитаници, само 20 проценти од нив одговориле дека од почетокот на кризата со коронавирусот немале никаков проблем при извршувањето на своите работни задачи, што повеќе од доволно покажува дека кризата сериозно влијаела на работата на медиумските професионалци.

„Новиот начин на работа се рефлектира врз менталното здравје кај новинарите во негативна смисла. Проценките се дека кризата ќе ги погоди сите аспекти на работничките права- од кратење на плати, скусување на деновите за одмор, намалување на пазарната цена на медиумскиот пазар. Преку директни одговори од вработените во телевизија, радио, печатени медиуми и интернет портали се доаѓа до заклучок дека допрва доаѓаат тешките денови во редакциите. Како што и самите вработени внатре бараат, најголем проблем се финансиите, односно приходите на новинарите и медиумските работници, но мора да сериозно да се посвети сериозно внимание на заштита на медиумските работници од потенцијална зараза, како и на влијанието на кризата врз нивната психолошка состојба“, стои во истражувањето на ССНМ.

Целосната верзија може да се прочита на следниот ЛИНК.