Истражување на ИДСЦС: секој трети граѓанин ги поддржува протестите на Шарената револуција

Дури 76 отсто од граѓаните не ги оправдуваат одлуките за помилување на 56 лица за дела поврзани со скандалот за прислушувањето, секој трети граѓанин ги поддржува протестите на Протестирам и Шарената револуција, додека секој осми граѓанин дава поддршка на протестите на ГДОМ. Ова се дел од наодите на истражување на јавно мислење за актуелните политички случувања на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС).

Истражување е спроведено телефонски на репрезентативен примерок од 1016 испитаници во периодот 6-11 мај 2016 година, во време на кулминација на политичката криза која следниот месец може да ги донесе и првите еднопартиски парламентарни избори од прогласувањето на независноста во 1991 година.

Истражувањето покажало дека повеќе од 60 отсто од граѓаните сметаат дека не треба да има избори на кои не учествуваат сите партии, За речиси една третина пак вакви избори се прифатливи.

Влада составена преку избори на 5 јуни е решение за надминување на кризата според 36% од испитаниците. Граѓанските организации и движења треба да бидат вклучени во партиските преговори за надминување на кризата сметаат 61% од анкетираните.

Граѓаните се поделени во оценувањето на улогата на САД и ЕУ во разрешувањето на политичката криза: 45% нивната улога ја оценуваат негативно, а 42% позитивно. Сепак, мнозинство граѓани (53%) сметаат дека САД и ЕУ имаат одлучувачка улога во разрешувањето на политичката криза и дека треба поактивно да се вклучат.

Во поглед работата на правосудните институции, испитаните на скала од 1 до 5 највисока средна оценка му даваат на Специјалното јавно обвинителство – 3.22. Уставниот суд е оценет со 2.33, Јавното обвинителство со 2.32, а судовите со 2.22.

На прашањето за ставот кон политичките лидери, преовладуваат негативни ставови: 55% кон Али Ахмети, 52% кон Никола Груевски и 48% кон Зоран Заев. Никола Груевски и Зоран Заев имаат приближно еднаква дистрибуција на позитивен став меѓу испитаниците: 33% се изјасниле позитивно за Никола Груевски, а 30% за Зоран Заев.