[Истражување] Македонските тинејџери помалку пушат, пијат и зависат од интернет од европските врсници

38% од македонските тинејџери запалиле цигара во својот живот, а 24% од нив го направиле тоа последниот месец. Алкохол пробале 57% од средношколците, а 38% тоа го сториле последниот месец. Овие податоци се пониски од просекот во европските земји. 46% од тинејџерите во Европа испушиле цигара во својот живот, а 21% последниот месец, додека алкохол пробале 80%, а 48% се напиле последните 30 дена.

koristenje-cigari

Ова го покажуваат резултатите на последното Европско училишно истражување за користење на алкохол и други зависни супстанции (ЕСПАД) помеѓу средношколци на возраст од 15 и 16 години за 2015 година. Во анкетата учествувале 96 илјади средношколци од 35 европски држави. Резултатите, споредбено со претходните истражувања, покажуваат дека иако пушењето цигари и пиењето алкохол се намалува кај тинејџерите низ Европа, постои нова загриженост околу опасностите на прекумерно време поминато пред екран и новите психоактивни супстанции.

Истражувањето е спроведено и во Македонија и тинејџерите овде стојат подобро според податоците за интернет активностите од просекот на европските врсници. Од просечните 5,8 дена кои неделно ги поминуваат на интернет европските тинејџери, македонските поминуваат само 4 дена, а на социјалните мрежи често се 66% македонски тинејџери – додека европскиот просек е 78%. Тинејџерите од Македонија и помалку играат онлајн од своите врсници.

alkohol-koristenje

Проблемот со онлајн коцкањето се забележува кај тинејџерите на сите европски земји. И покрај фактот што во повеќето земји коцкањето на малолетници е строго забрането, еден од осум тинејџери во Европа често се коцкаат на интернет. Во Македонија 7% од средношколците изјавиле дека повеќе од 4 дена претходната недела интеренетот го користеле за коцка.

Податоците од истражувањето објавено денеска покажуваат дека интернетот не само што е интегрален дел од секојдневието на денешните тинејџери, туку дека постојат нови грижи за зависноста од користењето.

Резултатите откриваат дека 23% од момците тинејџери низ 35-те европски земји пријавиле дека се коцкале со пари преку интернет претходната година, а само 5% од девојките.

Најголемиот процент од машките тинејџери кои често се коцкаат живеат во Хрватска, Кипар, Финска, Грција, Црна Гора и Словенија.

internet-koristenje

„Мерки за превенирање на развивање проблеми поврзани со коцкањето, како долгови, психолошки недостатоци или социјални недостатоци кај адолесцентите се од висок приоритет“, велат авторите на истражувањето на ЕСПАД.

Истражувањето за 2015 година покажува дека скоро една четвртина од тинејџерите редовно го користат интернетот за онлајн-игри (најмалку четири пати во неделата). Најмногу момците играат преку интернет во Данска, Шведска и Естонија. Девојките се помалку заинтересирани, најголемиот број на тинејџерки кои играат онлајн има во Данска.

Просечно 18% од тинејџерите одговориле дека користеле нелегални супстанци барем еднаш во нивниот живот (7% во Македонија). Канабисот останува најпопуларен и најлесно достапен. Новите психоактивни супстанции (НПС) – кои ги имитираат ефектите на традиционалните нелегални супстанции биле пробани од 4% од европските тинејџери. Истражувањето покажува дека тие сега почесто се користат од амфетамините, екстазите, кокаинот или ЛСД. Најголемите проценти на користење на НПС се забележани во Полска, Естонија, Бугарија, Хрватска и Ирска.

Истражувачите велат дека има голем број докази дека претераното користење интернет, играње и коцкање има ист потенцијал да стане зависност како и психоактивните супстанции. Додаваат и дека има силна поврзаност помеѓу користењето цигари, алкохол и недозволени супстанции со ризично однесување –како интернет коцкање.

Истражувањето ЕСПАД се спроведува од 1995 година на секои четири години, односно на секоја следна генерација тинејџери и ги следи трендовите помеѓу зависностите на тинејџерите од европските земји. Досега учествувале преку 600 илјади ученици.