[Истражување] Македонските граѓани поотворени за децата со попреченост

Новото истражување на УНИЦЕФ за знаењата, ставовите и практиките на јавноста во Македонија кон децата со попреченост покажува дека е постигнат голем напредок во отстранувањето на бариерите во ставовите кои ги спречуваат децата со попреченост да го заземат своето заслужено место во општеството.

Резултатите покажуваат дека над 90 проценти од анкетираните сметаат дека е прифатливо нивното дете да биде сосед, познаник, соученик и другар на деца со попреченост, што претставува голем пораст од истражувањето направено во 2014 година кога само 32 проценти од граѓаните го имале овој став. Истражувањето покажува и дека сѐ поголем број граѓани редовно комуницираат со деца со попреченост и сметаат дека тие треба да учат во редовните училишта, заедно со нивните врсници.

„Стигмата честопати постои поради сознанија изградени врз стереотипи. Немањето информации, заблудите, изолацијата и сегрегацијата ги одржуваат ваквите стереотипи – па најдобар начин за решавање на стигмата е да се прекинат стереотипите. Резултатите од истражувањето покажуваат дека кога на децата со попреченост ќе им дадете можности да ги покажат своите способности, општеството може да  ја надмине стигмата која ги спречува децата со попречност да се вклучат и да учествуваат во општеството“, вели Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Истражувањето, првично спроведено на почетокот од 2014 година, послужи како појдовна основа за интервенции околу унапредување на правата на лицата со попреченост. Меѓу овие интервенции беше и кампањата „Биди фер, за детство без пречки“ финансирана од Европската Унија и УНИЦЕФ, која поттикна дискусија за стигмата кон лицата со попреченост.

Клучните наоди на последното истражување се:

  • Значително повеќе луѓе – 62% (2018) во споредба со 45%(2014) – потврдуваат дека познаваат дете со попреченост и дека имаат почести контакти со него.
  • Повеќе од 90% (2018) сега сметаат дека е прифатливо нивното дете да биде сосед, познајник, соученик и другар на деца со попреченост. Ова не беше случај во 2014 година, кога 32% сметаа дека е прифатливо нивното дете да биде соученик на дете со попреченост.
  • Јасно мнозинство 86% (2018) во споредба со 58% (2014) разбираат дека општеството и околината треба да се прилагодат за да одговорат на потребите на децата со попреченост – пристап втемелен во Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
  • 73% (2018) во споредба со 55% (2014) веруваат дека инклузивното образование им користи како на децата со попреченост, така и на децата без попреченост, така што придонесува за подобрување на социјалните вештини, толеранцијата и почитувањето на различностите.
  • Шест пати е зголемен бројот на луѓе кои веруваат дека најдобар пристап кон образованието на децата со попреченост е да одат во редовни училишта и да учествуваат во редовна настава заедно со своите врсници без попреченост. Од 4% (2014) на  24% (2018).
  • Иако другите ја поддржуваат идејата децата со попреченост да одат во редовни училишта, 18% сметаат дека тие треба да одат на посебни часови со врсниците; а 22% сметаат дека треба да има одвоени паралелки. Бројот на лица кои веруваат дека децата со попреченост треба да посетуваат специјални училишта се намали од 48% (2014) на 31% (2018).

„Позитивните промени во знаењата, ставовите и практиките во општеството треба да бидат проследени со забрзано спроведување на политики и програми за претворање на инклузијата во реалност за десетици илјади деца и возрасни со попреченост во земјата. Веруваме дека ова ќе покрене демократски барања за поголема инклузија и дека ќе ја забрза имплементацијата на системските реформи кои се во тек, за да се обезбеди секое дете да ја добие поддршката што му треба да оди на училиште со своите врсници, да добие здравствени и социјални услуги, и за да се стави крај на исклучувањето, изолацијата и институционализацијата на децата со попреченост“, објаснува Перкс.

„Последователното истражување за знаењата, ставовите и практиките кон инклузијата на децата со попреченост“ беше спроведено како дел од пошироката програма поддржана од УНИЦЕФ за унапредување на правата на децата со попреченост, исто така поддржано од регионалниот проект „Заштита на децата од насилство и промовирање социјална инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција“ поддржан и финансиран од ЕУ и УНИЦЕФ.